На Светскиот ден на лебот започна шестмесечна донација од Жито Лукс за децата од 11 Октомври

75

16 октомври, Светскиот ден на лебот, Жито Лукс го обележи со стартот на шестмесечна донација на дневните потреби од леб во Домот за деца без родители 11 Октомври. Почетокот на донацијата беше означен со симболичен гест –  средношколците од Угостителското училиште Лазар Танев направија лепчиња во интересни форми, земички, векнички, проја со што се одбележа овој ден, а воедно беше испратена и пораката – леб од децата за децата.

Светскиот ден на лебот за нас како производител на леб е од големо значење и затоа одлучивме со донација да го одбележиме овој ден. Спојот на децата за деца во активност беше идејата на поинаков начин да се означи стартот на донацијата.

“Досега како општествено одговорна компанија покажавме, а во иднина ќе продолжиме да помагаме онаму каде најмногу треба да се помогне”, изјави Лидија Трајковска, одговорно лице во секторот за маркетинг во Жито Лукс.

Интерeсните форми на лебот предизвикаа вистинска радост во домот за деца без родители 11 Октомври каде се згрижени околу 70 деца.

“Секое внимание е повеќе од потребно за овие деца. Донацијата на Жито Лукс е многу значајна за нас. Секоја помош е добредојдена. А денешниот израз на детските лица покажува дека ништо не е поважно од детската насмевка, од детската среќа. Таа среќа пак е поголема кога од деца се дарува за деца”, изјави Ристенка Атанасова, директор на Домот за деца без родители 11 Октомври.

Дека оваа невообичаена активност беше интересна и за учениците од училиштето Лазар Танев потврди и директорот Зоран Николовски.

“Децата во нашето училиште секојдневно добиваат задачи кои за нив се нови и интересни, но овој предизвик поставен од Жито Лукс беше од исклучителна важност најмногу поради фактот дека благодарение на нивната иницијатива на нашите деца им беше дадена исклучителна можност – да се почувствува доблеста на давање и споделување со оној што има помалку. Затоа голема благодарност до Жито Лукс и штитениците од Домот 11 Октомври”, изјави Николовски.