Над 40.000 туристи во Црна Гора

Над 40.000 туристи престојуваат во Црна Гора, што е за 18 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, објави Националната туристичка организација (НТО).
Претставничката на НТО, Милена Вујовиќ, за агенцијата Мина-бизнис изјави дека ако се спореди со 2019 година е забележан раст од 43 отсто.

Таа појасни дека станува збор за податоците што локалните туристички организации ги доставиле до НТО на 18 мај за остварениот туристички сообраќај во општините.

– Кога станува збор за најпосетуваните општини, на прво место е Будва, потоа Херцег Нови и Бар, но и Тиват, Котор и Подгорица бележат значително зголемување на бројот на туристи годинава – рече Вујовиќ.

Таа рече дека речиси сите параметри на туристичкиот сообраќај, индиректни и директни, покажуваат растечки трендови.

– На ова ги темелиме нашите високи очекувања за оваа летна туристичка сезона – додаде Вујовиќ.

Исто така, најавите во хотелите се на одлично ниво за наредните месеци.

– Кога станува збор за структурата на туристите, сегашните податоци покажуваат дека најголем број туристи се од регионот, речиси како и секоја година, но покрај нив навистина имаме голем број туристи од пазарите на Германија, Австрија, Франција, Велика Британија, Полска и Турција – прецизира  Вујовиќ.

Набљудувајќи од почетокот на годината, имаме, како што додаде, значително зголемување на бројот на туристи од Кина, но и од Чешка, Холандија и Данска.