Почетна Новости Регион Над 40 милиони евра казна за пет грчки банки и Асоцијацијата на...

Над 40 милиони евра казна за пет грчки банки и Асоцијацијата на банки поради усогласени практики

31

Комисијата за конкурентност на Грција изрекла казни во висина од 41,7 милиони евра на пет банки и Асоцијацијата на банки поради усогласени практики и размена на информации, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, банките се казнети затоа што имале усогласена провизија за подигнување готовина од банкомати со картици од странство или од други банки, но и разменувале информации за предвидениот износ.

Во конкретните меѓусебни усогласувања била вклучена и Асоцијацијата на банки на Грција, која во одредени случаи имала улога на олеснувач во размената на информациите меѓу банките.

Највисоката казна е 12, 9 милиони евра за една од петте банки, а останатите се казнети со 9,9 милиони, 9,1 милион, 7,9 милиони и 143.000 евра, а на Асоцијацијата и била изречена казна од 1,5 милиони евра.

За казните за банките, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателката Катерина Сакеларопулу рече дека тоа е најдобар доказ дека сите државни институции, независни управи и механизми за контрола, можат да работат на тоа пазарот и конкуренцијата да функционираат непречено во корист на граѓаните.

Сакеларопулу посочи дека е многу важно да се испрати порака дека механизмите за контрола функционираат и сите да бидат многу внимателни.