Над 460 компании бараат државна помош за полупроводници

16

Американското Министерство за трговија во средата соопшти дека повеќе од 460 компании изразиле интерес за добивање владини субвенции за производство на полупроводници во обид да се зајакне конкурентноста на земјата со кинеската наука и технологија.

Белата куќа во средата одбележа една година откако претседателот Џо Бајден го потпиша законот „Чипови за Америка“, со кој се обезбедуваат 52,7 милијарди долари субвенции за производство на полупроводници во САД, истражување и развој на работната сила.

Бајден најави дека компаниите минатата година инвестирале 166 милијарди долари во производството на полупроводници и електроника, додавајќи дека споменатиот закон повторно ќе ја направи Америка лидер во производството на полупроводници и помалку зависна од другите земји.

Одделот за трговија почна да прифаќа апликации во јуни за програма за субвенција од 39 милијарди долари за производство на полупроводници во САД, како и опрема и материјали за производство на чипови, но сè уште не ги избра компаниите што ќе ги вклучи во проектот.

Од Министерството најавија дека тоа мора брзо да се направи, но уште поважно е сè да се направи како што треба. Според оценката на ресорната министерка, Џина Раимондо, станува збор за инвестиции кои треба да ја обезбедат економската и националната безбедност на САД, а кои требало да дојдат порано.