Над 800 евра за метар квадратен

19

Во 2011 во споредба со 2010 година најголем раст во бројот на завршени станови има во Полошкиот статистички регион и во Југозападниот регион. Овој раст изнесува над 20% и е  најголем во однос на сите други 6 статистички региони во Македонија, објави  Државниот завод за статистика во најновата публикација за состојбите во градежништвото во земјава во 2010-2011 година.

Во Полошкиот статистички регион во овие две години, најмногу станови биле завршени во Тетово (581), Гостивар (353) и Боговиње (192). Во Југозападниот статистички регион, пак, најмногу станови се изградени во Охрид (465) и во Струга (351).

Растот на бројот на завршени станови во Југоисточниот статистички регион изнесува меѓу 10% и 20%, во Вардарскиот и Источниот меѓу 0 и 10%, а во останатите три статистички региони:  Пелагонискиот, Скопскиот и Североисточниот има пад во однос на бројот на завршени станови во 2011 во однос на 2010.

На национално ниво, во 2011 во однос на 2010 година, растот на бројот на завршени станови изнесува 2% (2.524 лани споредено со 5.152 во 2010 година). Инаку, како што и може да се претпостави, најмногу станови се завршени во Скопскиот статистички регион – 1.633.

Кога станува збор, пак, за бројот на завршени станови по години во периодот од 2007 до 2011 година,  нивниот број е убедливо најголем во 2007 – 5.820, пред да удри рецесијата, за оваа бројка да падне на 4.710 во 2009, кога рецесијата удри најсилно и да забележи извесно зголемување до 5.254 станови лани, што, сепак, е далеку од 2007.

Сосема поинаква е состојбата со незавршените станови. Нивната бројка била најниска во 2008 година – 4.893, за потоа таа да почне да расте од 2008 година, па се до лани и тоа по 200-400 станови годишно и во 2011 година да има дури 5.978 незавршени станови.

Просечните цени на становите за кои е договорена изградба од деловните субјекти  во 2010 година изнесувала 52.125 денари за метар квадратен, а во 2011 година 50.131 денари за метар квадратен.