Над милион странски туристи ја посетиле Албанија во првиот квартал од годинава

68

Во првите три месеци од годинава Албанија  ја посетиле над милион странци, со што се потврдија позитивните очекувања на туристичките оператори, јави државната агенција АТА.

Официјалните податоци на Институтот за статистика, ИНСТАТ,  покажуваат дека само во март бројот  на странски државјани бележи раст за над 39 отсто, споредено со истиот месец минатата година.

Трендот на странски посетители во првиот квартал покажува висок интерес кај посетителите од Азија, двојно зголемен во споредба со пред една година.

– Во меѓувреме, забележителен е пораст на посетителите од Јужна, но и од Централна Европа. Шпанија покажува  поголеми бројки за организиран туризам, додека Италија има зголемен интерес за индивидуални посетители. Дури и кај туристите од Полска, кои се најбројни кога станува збор за  организиран туризам во земјава, има зголемување на резервациите во однос на авансни договори со гаранции, наведува агенцијата.

Според ИНСТАТ во март 2023 година, регион со најголем број странски државјани кои влегле во Албанија е европскиот со 369.935 граѓани, а потоа следат Америка и Источна Азија/Пацифик, со 8.952 односно 2.183 граѓани.

Минатата година во Албанија престојувале 7,5 милиони странски туристи што се оценува како рекордна. Нивниот број е поголем за 1,9 милиони споредено со 2021 година и 18 отсто повеќе од 2019 година, која досега го држеше рекордот по посетеност.