Над шест илјади нови претпријатија се отвориле во 2022 година, најмногу во услужните дејности

33

Во 2022 година биле регистрирани 6. 384 новосоздадени претпријатија, што претставува 9.6 % од вкупно активните пазарноориентирани претпријатија. Во однос на 2021 година, забележано е зголемување на бројот на новосоздадените претпријатија за 7.1 %, и тоа најмногу во секторите Информации и комуникации, Снабдување со електрична енергија и гас, Транспорт и складирање, како и Објекти за сместување и исхрана, соопшти Државниот завод за статистика.

Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (67.6 %) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1 704), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (710) и Стручни, научни и технички дејности (659). Секторите  Преработувачка Индустрија и Градежништво учествуваат со по 10.5 % во вкупниот број на новосоздадени претпријатија.

Новосоздадените претпријатија вработиле 13. 828 лица, што претставува зголемување за 15.3 % во однос на претходната година. Без вработени биле 19.0 % од новосоздадените претпријатија, 75.4 % вработиле 1-4 лица, додека 3.6 % вработиле од 5 до 9 лица.

Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (84.8 %).

Згаснати претпријатија во 2021 година

Од вкупниот број активни претпријатија, во 2021 година згаснале 6.7 %, односно 4 437.

Гледано по сектори на дејности, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (34.6 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголем дел од згаснатите претпријатијата (80 %) се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Згаснати претпријатија во 2020 година

Од вкупниот број активни претпријатија, во 2020 година згаснале 9.3 %, односно 5 357.

Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (33.0 %) се во секторот Трговија, а според правната форма дури 69.7 % се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.