Нафтата на светските берзи поскапе втора недела по ред

На светските берзи цените на нафтата пораснаа и минатата недела, вторпат по ред, што е последица на геополитичките тензии, но слабоста на побарувачката го ограничува уште поголемиот раст на цените.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 1,55 отсто, на 83,47 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 3,05 отсто, на 79,19 долари.

Растот на цените е главно последица на геополитичките тензии. Трговците секојдневно ја следат состојбата на Блискиот Исток, која не се смирува, и ги проценуваат ризиците од ширење на конфликтот од Појасот Газа кон соседните земји. Од друга страна, растот на цените е ограничен поради слабата побарувачка.

Минатата недела Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) објави дека глобалната побарувачка за нафта забавува и дека оваа година ќе порасне нешто помалку од претходно очекуваното. Кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не закрепнува толку брзо како што се надеваа трговците.

Значителниот пораст на цената на нафтата го спречува и забавувањето на растот на економијата на Америка и еврозоната, со оглед на тоа што локалните централни банки веројатно ќе ги задржат каматните стапки повисоки за подолг временски период од очекувањата на пазарите, поради се уште високата инфлација.

Откако минатата недела беше објавено дека инфлацијата неочекувано се зголемила во САД во јануари, стивнаа шпекулациите дека ФЕД би можел да ги намали каматните стапки веќе во март, а сè поневеројатно е дека тоа ќе го стори во мај.

Главно поради геополитичките тензии на Блискиот Исток, од почетокот на годината цената на нафтата на лондонскиот пазар е зголемена за повеќе од 8 отсто, а на американскиот пазар за повеќе од 10 отсто. Минатата година цената на нафтата падна за околу 10 отсто.