Нафтата поевтини пред трговските разговори меѓу САД и Кина

Цените на нафтата паднаа за неколку центи во понеделник, но го задржаа поголемиот дел од добивките од минатата недела, бидејќи инвеститорите ги следеа трговските разговори меѓу САД и Кина подоцна во текот на денот во Лондон. Пазарите очекуваат дека договорот би можел да ги подобри глобалните економски перспективи и да ја зголеми побарувачката за енергетски производи.

Фјучерс договорите за нафта од типот Брент се пониски за шест центи, а нивната цена за барел е 66,41 американски долар (61 евро). Американската нафта WTI е поевтина за 4 центи и се тргува по цена од 64,54 долари (59,32 евра).

Перспективата за трговски договор меѓу САД и Кина ги поддржа цените на нафтата, бидејќи тројца од најблиските советници на Доналд Трамп се подготвуваа да се сретнат со своите кинески колеги на првиот состанок на нововоспоставениот механизам за економска и трговска соработка меѓу двете земји.

Најавата за состанокот во саботата следеше по реткиот телефонски разговор во четвртокот меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, според Ројтерс, при што двајцата беа под притисок да ги намалат тензиите, бидејќи контролата на извозот на ретки метали од Кина ги нарушува глобалните синџири на снабдување.

Брент порасна за четири проценти, а WTI за 6,2 проценти минатата недела, што е првото неделно зголемување по три недели пад, токму поради вестите за обновени трговски разговори.