
Најатрактивен град за луѓето кои сакаат да работат во странство е Лондон, а по него се Амстердам и Дубаи на второто и третото место, според новиот извештај на Boston Consulting Group (BCG).
Според истражувањето наречено Декодирање на глобален талент, главни фактори за работа во Лондон се англискиот како главен јазик, силната глобална мрежа на таленти од другите земји во светот, мултикултурализмот, обилните финансиски можности, пристапот до Европа и САД.
Девет отсто од испитаниците кои бараат работа во странство би биле подготвени веднаш да се преселат во Лондон, потоа Амстердам 8 отсто, Дубаи 7 отсто, Абу Даби 7 отсто, Њујорк 6 отсто.
Во првите десет се и Берлин, Сингапур, Барселона или Токио, каде веднаш би се преселиле пет отсто од сите испитаници, додека Сиднеј ја затвора листата со четири отсто.
Студијата заснована на одговорите на повеќе од 150.000 испитаници од 188 земји покажа дека приближно секој четврти, или поточно 23 отсто, активно бара работа во странство.
Трите најчести причини за преселба во странство меѓу испитаниците се економските можности, напредувањето во кариерата и потенцијалот за подобар квалитет на живот, се наведува во истиот извештај.
Дополнително, студијата покажа дека 92 отсто од лидерите на глобалните компании сметаат дека привлекувањето и задржувањето таленти се меѓу нивните врвни приоритети.
– Ангажирањето странски работници не само што ги пополнува празнините во капацитетите, туку компаниите со поголема глобална различност честопати се поиновативни и поуспешни. Тие генерираат поголем профит и имаат 75 отсто поголема веројатност да бидат иноватори од светска класа, според специјалниот извештај на BCG од 2022 година.











