Најавен нов сојуз – Еве што ќе значи тоа за поморскиот транспорт

52

Германскиот Хапаг-Лојд и данскиот Маерск најавија формирање на нов логистички сојуз кој започнува во 2025 година, што сигнализира преуредување на капацитетите во периодот по пандемијата.

Алијансата Gemini Cooperation ќе вклучува 290 бродови со вкупен капацитет од 3,4 милиони контејнери, при што Maersk обезбедува 60 отсто, а Hapag-Lloyd остатокот, пишува SEEbiz.

Според договорот, на крајот на јануари 2025 година, Хапаг-Лојд ќе ја напушти Алијансата, која вклучува три споени јапонски линии наречени Ocean Network Express (ONE), тајванската YangMing и јужнокорејската HHM, поранешна Hyundai Merchant Marine.

Maersk, од друга страна, ќе го прекине сојузот на 2M со швајцарската компанија за транспорт на контејнери MSC, како што најави пред една година.

Двата сојузи им помогнаа на испраќачите да го приспособат капацитетот во последниве години на променливите модели на побарувачка на рутата Азија-Европа, како и на Атлантикот и Пацификот.

Во меѓувреме, компаниите ги сменија стратегиите за да обезбедат пазарен удел во променетите услови во светот по пандемијата, каде што приходите од товарниот транспорт во голема мера паѓаат поради слабиот економски раст.

Вториот и петтиот најголем оператор на контејнерски бродови ќе ја спроведат транзицијата до крајот на годината, а корисниците ќе продолжат да добиваат услуги според постоечките договори, се вели во заедничката изјава.

Соработката ќе ги опфати трговските патишта Азија/Западниот брег на САД, Азија/Источниот брег на САД, Азија/Блискиот исток, Азија/Медитеранот, Азија/Северна Европа, Блискиот Исток-Индија/Европа.