Најавеното намалување на цената на роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан од следното лето

34

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (RСС) Мајлинда Брегу во средата изрази надеж дека првото намалување на цената на роаминг ќе биде летото 2023 година и додаде дека крајната цел е цените да бидат приближно исти до 2027 година.

Мобилните оператори од Европската унија (ЕУ) и од Западен Балкан, претставниците на Регионалниот совет за соработка (RCC) и Европската комисија разговараа за планот за намалување на цената на роаминг во телефонскиот сообраќај меѓу ЕУ и Западен Балкан, објави RCC.

Генералниот секретар на RCC, Мајлинда Брегу на средбата изјави дека, ако се спореди периодот пред и по укинувањето на роамингот во Западен Балкан, забележан е пораст на бројот на корисници на роаминг услуги во регионот за 100 проценти, како и зголемување на сообраќајот на податоци во роаминг до 460 проценти.

„Корисниците на роаминг од Западен Балкан оствариле вкупно 143 милиони минути појдовни повици во 2021 година, или речиси двојно повеќе во споредба со 2019 година. Се надевам дека веќе следното лето ќе ги видиме првите намалувања на цените на роаминг“, рече Брегу.

Како што наведе таа, целта на процесот се директни придобивки за граѓаните од регионот и ЕУ, но и подобрување на деловното опкружување во Западен Балкан.

„Точно е дека намалувањето на цените на роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан е покомплексно од укинувањето на роамингот во регионот, но нашите влади го завршуваат својот дел од работата во овој процес и на тој начин испраќаат многу јасна порака за важноста што ја придаваат на подобрување на деловното опкружување“, рече Брегу.