
Во изминатата година, стапката на рекламирање на Интернет во Европската унија беше највисока во занимањата менаџери за продажба, маркетинг и развој и изнесуваше 26,6 отсто, објави Евростат.
Тоа е првпат Евростат да објавува податоци за оваа тема како експериментална статистика.
„Веќе неколку години европската економија е обележана со тешкотиите на работодавачите да ги пополнат слободните работни места. Оваа нова експериментална статистика базирана на интернет извори, односно огласи за работа преку Интернет, има за цел да им помогне на работодавците, барателите на работа и креаторите на политиките да добијат подобри информации за тоа на кои сектори од економијата им е потребна повеќе работна сила“, се вели во објаснувањето на Еуростат.
Се додава дека оваа рамка ги наведува најбараните професии на Интернет и оние работни места каде што работодавачите може да се соочат со најголеми предизвици при наоѓање кадар.
На второ место, зад менаџерите за продажба, маркетинг и развој, се работниците во производството со стапка на рекламирање од 22,4 отсто.
Следат работниците во продажба со стапка од 17,6 отсто, менаџерите на мало и големо со 16,8 отсто и административните и помошните работници со стапка од 16,7 отсто.
Потоа следуваат експерти за развој на софтвер и апликации со стапка од 14,8 отсто и групата уметнички и културни креативни занимања со стапка од 14,1 отсто. Ова вклучува, на пример, фотографи, дизајнери на ентериер или готвачи.
Еуростат ја пресметува стапката како однос на бројот на онлајн огласи за одредено работно место со бројот на вработени.
Во исто време, Евростат наведува дека фактот што професиите во јавниот сектор, како што се здравствените работници или наставниците, не биле меѓу најбараните занимања на Интернет, не значи дека тие не се барани, туку дека може да се припише на фактот дека тие не се рекламираат толку често на интернет.











