
Во јули, 48 студенти влегоа низ вратите на Медицинскиот факултет „Алис Л. Волтон“ во Бентонвил, Арканзас, за да станат првата генерација на факултетот, стекнувајќи ново, но различно знаење од она на што сме навикнати во медицината.
Некои дојдоа од блиските градови, други од урбаните центри во Мичиген и Њујорк. Речиси сите имаа избор каде да станат доктори, но решија да му дадат шанса на новиот факултет поради неговиот уникатен пристап кон преиспитување на медицинското образование.
Факултетот, именуван по својот основач – најбогатата жена во светот и наследничка на богатството на Волмарт – во текот на следните четири години ќе ги обучува студентите на радикално поинаков начин од повеќето традиционални медицински факултети. И токму тоа е поентата, пишува „Тајм“.
Наместо да ги учи младите лекари да бркаат симптом по симптом и да прават тест по тест, Алис Волтон сака дипломците на нејзиното училиште да ги одржуваат пациентите здрави практикувајќи нешто што повеќето лекари денес не го сметаат за приоритет: превентивна медицина и принципите на холистичко здравје, кои вклучуваат грижа за целата личност (не само третман) и сите фактори – од ментално здравје до услови за живот и избор на начин на живот – кои придонесуваат за благосостојба.
Секако, ова не се нови идеи, но традиционалната медицина најчесто им посветила само формално внимание. Експертите истакнуваат дека иако дури 80% од медицинското образование се фокусира на биологијата, околу 60% од предвремените смртни случаи се предизвикани од фактори на однесување, вклучувајќи ги и навиките на живот како што се исхраната, вежбањето и пушењето. „Аплицирав во 34 училишта и никаде на друго место не се прави нешто слично на ова“, вели Ели Ендру-Воган, која дошла во Бентонвил од Ан Арбор, Мичиген.













