Најбогатиот Африканец ја отвори најголемата африканска рафинерија за нафта

Најбогатиот Африканец и милијардер Алико Данготе ја отвори најголемата африканска рафинерија за нафта во Нигерија вредна дури 19 милијарди долари.

Тој стави крај на долгогодишното чекање за објект за кој аналитичарите велат дека би можел да го зголеми капацитетот за рафинирање во регион кој во голема мера се потпира на увезените нафтени деривати.

Фабриката, која може да произведува 650.000 барели дневно, започна со производство на дизел и авионско гориво, објави Рафинеријата Данготе Петролеум. Како прва приватна рафинерија за нафта во Нигерија, проектот е „пресвртница за нашата земја“, се додава.

100% потреби на Нигерија
„Нигерија е една од најдобро чуваните тајни. Многу странци не инвестираат затоа што го чекаат вистинското време. Не постои вистинско време“, изјави еднаш Алико Данготе, кој е рангиран на 124-то место на листата на милијардери на Форбс со проценето богатство од речиси 18 милијарди долари.

Нигерија е еден од најголемите производители на нафта во Африка, но увезува рафинирани нафтени производи за сопствена употреба. Секторот за нафта и природен гас во земјата се мачи многу години, при што повеќето нејзини државни рафинерии работат далеку под капацитетот поради лошото одржување.

Рафинеријата се наоѓа на периферијата на Лагос, економскиот центар на Нигерија, и работи заедно со фабрика за ѓубрива што беше отворена пред две години.

Се очекува фабриката да задоволи 100% од потребите на Нигерија за бензин, дизел, керозин и авионско гориво со целосен производствен капацитет, рече Данготе. Најмалку 40 отсто од нафтените продукти произведени таму ќе бидат достапни и за извоз, соопшти компанијата.

Фото: facebook