Најбогатиот руски бизнисмен Владимир Потанин го предупреди Кремљ да не го конфискува имотот на компаниите кои се повлекле по почетокот на руската операција во Украина, велејќи дека тоа ќе ја врати земјата еден век наназад.
Владимир Потанин, претседател на металуршкиот гигант Norilsk Nickel (NILSY) и негов најголем акционер, чие богатство се проценува на 22,5 милијарди долари, рече дека Русија ризикува да се врати во турбулентните денови на револуцијата од 1917 година, ако ги затвори вратите за западните инвеститори. Тој ја повика руската влада да пристапи кон овие мерки со претпазливост.
„Пред сè, тоа би нè вратило 100 години назад, а последиците од таквиот чекор, глобалната недоверба на инвеститорите во Русија, би ги чувствувале со децении“ вели тој во пораката објавена на профилот на Телеграм.
„Второ, одлуката на многу компании да го прекинат бизнисот во Русија е, би рекол, емотивна по природа и можно е да е спроведена поради прекумерен притисок на јавното мислење од странство. Најверојатно е дека ќе се вратат и јас лично би им ја оставил таа можност“, вели Потанин.











