
Најбогатиот Шпанец и основач на малопродажниот синџир „Зара“, Амансио Ортега, купи хотел со шест ѕвездички во Париз за 97 милиони евра, потврди портпаролот на неговата инвестициска компанија „Понтегадеа“.
Хотелот се наоѓа во близина на Гранд операта во Париз, во еден од најпрестижните населби на француската престолнина, а претходниот сопственик беше компанијата „Дерби хотелс“, објавува „Блумберг“.
Купувањето е дел од пошироката стратегија на Ортега за реинвестирање на дивидендите од модната империја Индитекс – сопственик на брендови како што се Зара, Масимо Дути, Бершка и Страдивариус.
Се очекува Амансио Ортега да заработи повеќе од три милијарди евра од дивиденди само оваа година.
Во првата половина од оваа година, компанијата Понтегадеа веќе инвестираше околу 165 милиони евра во станбена зграда во Флорида, како и 250 милиони евра во деловни простории во Барселона. Во 2024 година, Ортега инвестираше и 200 милиони евра во комерцијални недвижности во Париз.
Индитекс, најголемиот светски трговец на мало со облека, има пазарна вредност од 136 милијарди евра. Личното богатство на Ортега е околу 103 милијарди евра, што според индексот на милијардери на Блумберг го прави најбогат човек во Шпанија и втор најбогат во Европа.











