Најбогатиот Украинец ја предава својата медиумска империја на државата

104

Најбогатиот Украинец Ринат Ахметов синоќа изјави дека ја предава целата своја медиумска империја на државата, како дел од законот кој има за цел да го намали влијанието на олигарсите врз економијата.

„Оваа недела Медиа Груп Украина (Media Group Ukraine) ќе ѝ ги предаде на државата сите украински лиценци за нашите телевизиски канали и печатени медиуми. Исто така, ќе ги прекинеме нашите онлајн медиумски активности“, рече Ахметов.

Бизнисменот (55) додаде дека одлуката ја донел поради стапувањето во сила на законот кој има за цел „да се спречи ризикот од прекумерно влијание на олигарсите врз националната безбедност на земјата“. Законот беше усвоен во септември 2021 година.

Ахметов изрази жалење што законскиот рок од шест месеци за продажба на имотот на компанијата, кој доаѓа во екот на руската инвазија на Украина, ја спречува неговата група да ги „продаде своите медиумски активности по пазарни услови“.

Неговата медиумска група поседува 10 телевизиски канали, неколку информативни програми, видео-платформа и веб-страница за вести. Според проценките на магазинот Форбс, Ахметов има богатство од 4,2 милијарди долари и е претседател на фудбалскиот клуб Шахтер Донецк.

Таа е сопственик и на холдинг компанијата SCM, која е активна во челичната индустрија, енергетиката, индустријата за јаглен и металургијата.

Ахметов, кој по потекло е од источна Украина, долго време е етикетиран како проруски ориентиран. Сепак, тој ја осуди руската инвазија на Украина, додека неговото богатство се намали во последниве месеци бидејќи неколку негови фабрики на исток, како што е Азовстал во Мариупол, беа уништени или окупирани.