Најбогатите Словенци открија – прават еколошко ѓубриво во Србија

122

Брачниот пар Иза и Само Логин од Словенија, кои купија повеќе од 4.000 хектари земјиште во Банат, работат на развој на ИТ технологии кои ќе овозможат поедноставна работа за земјоделците, но и да се дојде до решение за здрава храна за граѓаните и подобрување на земјиштето.

Парот Логин се стекна со богатство кога го продаде својот удел во компанијата „Outfit7“ на кинеска компанија. Потоа ја основаа „Фондацијата Логин5“, која од пред четири години поседува обработливо земјиште во Војводина каде што развива органско производство. Нивниот најпознат производ е, инаку, апликацијата за мобилни телефони Talking Tom.

Во рамките на проектот „Здрава храна за сите луѓе“, кој го спроведува фондацијата, „Логин ЕКО“ развива модел на одржливо органско земјоделско производство на 3.500 хектари обработливо земјиште.

„Токму затоа што земјоделството е ниско профитабилно, се одлучивме за оваа работа“

Како што објаснува оваа брачна двојка за Тportal, токму поради тоа што земјоделството е бизнис со низок профит, виделе огромен потенцијал за развој на технологија која би овозможила одржливо производство.

„Ако го споредиме земјоделството со другите индустрии, тоа сè уште не е во 21 век. Сакам да им кажувам на соработниците: Нашиот најважен производ е знаењето. И целото знаење ќе го споделиме со сите затоа што според мене тоа е најбрзиот начин да се намали влијанието на земјоделството врз животната средина. Државите со закон би можеле да направат многу за да го подобрат земјоделството, но секогаш постои проблемот со недостигот на технологија за подобар начин на производство. Тоа е делот што сакаме да го решиме“, додаде брачната двојка.

Висината на инвестицијата во Србија е непозната

„Се одлучивме за Банат бидејќи се укажа прилика. Јавно не ја откриваме висината на инвестицијата, а огромен дел од тоа е развојот на софтвер и технологија“, велат тие. Кога станува збор за проектот Логин ЕКО, половина од соработниците во тој проект се надвор од Србија бидејќи развојот на софтверот е флексибилен во однос на локацијата. Што се однесува до следните чекори, половина од сите соработници на проектот Логин ЕКО работат на развој на ИТ технологии кои ќе овозможат поедноставна работа за земјоделците и подобро разбирање на сите нивни активности, пренесува Бизлајф.

Идејата органското ѓубрење да биде достапно за секого

Нивниот фокус е органското ѓубрење да биде достапно за секого.

„Поради поскапувањето на енергенсите и намалувањето на производството на амонијак за 40 отсто на глобално ниво, според црното сценарио, минералните ѓубрива следната сезона ќе бидат астрономски скапи и нема да ги има доволно за секого. Можеби грешиме. Но, ако сме, тогаш не можеме да чекаме. Веќе постигнавме поволни резултати со еколошкото ѓубрење, чија технологија ја развиваме, бидејќи според мене тоа е единствениот одржлив начин на оплодување. Во новите околности може да се случи да им биде потребен на сите и на земјоделците во конвенционалното производство – ако не сакаме да имаме недостиг од храна“, велат тие.