Најевтиниот електричен автомобил во светот ги освојува пазарите

127

Малиот  Hongguang Mini, електричен автомобил произведен од кинеските компании SAIC Motor и Wuling Motors во соработка со General Motors, привлече големо внимание кај светската јавност веднаш откако се појави на кинескиот пазар во средината на 2020 година.

Едноставниот и модерен дизајн, добрите перформанси и пристапната цена го направија овој модел голем успех во Кина, па така во 2021 година  Hongguang Mini беше најпродаваното електрично возило во оваа земја со 395.451 продадени единици.

Неговата популарност продолжува да расте, а на почетокот на овој месец во Џакарта беше премиерно прикажана подобрената верзија наречена Air EV. Air Ev ќе биде пуштен во продажба во втората половина на оваа година и ќе биде првото електрично возило од семејството Хонгуанг што ќе се продава надвор од Кина.

Овој модел ќе се произведува во предградијата на Џакарта, што исто така значи дека Air EV би можел да го отвори патот за малите кинески електрични автомобили на светскиот пазар, пред се на пазарите во Нов Зеланд и Австралија.

Надградениот модел е малку поголем од неговиот претходник и може да има мотор од 30 kW или 50 kW. Неговата максимална брзина е околу 100 km/h, а може да помине близу 300 km со едно полнење.

Бидејќи цената на првиот модел на  Hongguang Mini е околу 4.200 американски долари, се очекува Air EV да биде значително поскап, но сепак поевтин од другите електрични автомобили. Во Индонезија ќе чини до 9.745 американски долари.