Најголем удел на ОИЕ во потрошувачката на енергија во Шведска, најмал во Ирска

Учеството на обновливите извори во бруто финалната потрошувачка на енергија во Европската унија е зголемено на 23 отсто во 2022 година, што е зголемување за 1,1 отсто во однос на претходната година.
Најголем удел имаше Шведска, речиси трипати повисок од европскиот просек, а најмал имаше Ирска, објави европската статистичка агенција Еуростат.

Според европската директива за обновливи извори на енергија, целта е до 2030 година учеството на обновливите извори да се зголеми на 42,5 отсто. Тоа значи дека членовите мора да го зголемат тој удел за речиси 20 проценти и мора да ги забрзаат своите напори.

Минатата година, 17 земји-членки на ЕУ имаа учество на обновливи извори под 23 проценти.

Шведска е на прво место и далеку пред сите со 66 отсто од енергијата добиена од обновливи извори во 2022 година, најмногу од вода, ветер, цврсти и течни биогорива, како и топлински пумпи.

Зад неа е Финска, каде што обновливите извори, главно хидроенергијата, ветерот и цврстите биогорива, имаа удел од 47,9 отсто.

На трето место е Летонија со учество на ОИЕ од 43,3 отсто, главно од хидроцентрали.

Данска (41,6 отсто) и Естонија (38,5 отсто) најмногу користеле ветер и цврсти биогорива од обновливи извори.

Околу една третина од енергијата од обновливи извори ја добиваше Португалија, главно потпирајќи се на цврсти биогорива, ветер, хидроенергија и топлински пумпи, како и Австрија, најмногу благодарение на хидроенергијата и цврстите биогорива.