Најголеми “убијци“ на концентрацијата

141

За да може да ги извршувате сите задачи во текот на денот, неопходно е да бидете фокусирани на она што го правите. Но, ако постојат работи што ви го одвлекуваат вниманието, на коишто непотребно или залудно го трошите времето, тогаш тие се сигурни “убијци“ на вашата концентрација. Меѓу нив може да се најдат:

Стрес

Без стрес веќе и не се живее. Тој станува составен дел од нашиот живот, па затоа треба да научиме како да го препознаеме и да го неутрализираме, наместо да дозволиме да ги “замрси“ конците. Стресните ситуации на работа можат лесно да нè дефокусираат, но затоа постојат и техники (медитација, јога, техники на дишење…) со коишто ќе можеме да го намалиме неговото негативно влијание.

Multitasking

Не е тајна дека мултитаксингот бара умешност, но во исто време може да ви одземе целата енергија, а вниманието непотребно да ви го одвлече. Затоа, ако имате некоја работа, најдобро започнете ја како што треба и бидете истрајни да ја завршите до крај. Така ќе бидете попродуктивни, одошто да почнете неколку работи одеднаш и на крајот ништо да не завршите како што треба.

Социјални мрежи

Ако имате Facebook, сигурно го проверувате безброј пати во текот на денот. Тоа најчесто го правиме од навика, одошто од потреба да се дознае нешто ново или да се види некоја фотографија. Доколку работите нешто што бара да бидете повеќе посветени, тогаш оставете го телефонот на страна и исклучете ги известувањата од социјалните мрежи. Така е најдобро, бидејќи ако некој ваш пријател ви пишал за на кафе или сменил фотографија од викенд поминат на планина, ќе можете да “преживеете“ на кратко и без таа информација, а ќе имате доволно концентрација да ја завршите обврската што ве чека.

Здодевност

Понекогаш се случува и од здодевност да не знаеме што да правиме, па да го изгубиме фокусот на работите. Ако чувствувате дека во моментот немате работа или сте во очекување на важен телефонски повик или мејл, тогаш подобро излезете на чист воздух одошто да седите на работното биро и да дозволите да ви одлетаат мислите. Многу ќе ви биде потешко така, бидејќи ќе ви треба време за да го вратите фокусот на работата и да се сконцентрирате на што треба.

Глад

Не е ни чудно што имаме чувство дека мозокот не функционира ако ни “крчат“ цревата. Мозокот бара хранливи материи и кислород за да може да си ја одработи својата задача. Затоа, бидете дисциплинирани, појадувајте и внесувајте доволно течности за да си ја обезбедите неопходната концентрација додека работите нешто важно или комплицирано.

Фото: Pexels