Најголемиот енергетски настан во земјата МЕФ21 оваа година од 12-ти до 14-ти септември

23

Четвртото издание на најголемиот енергетски настан во земјата, Македонскиот енергетски форум МЕФ 2021, оваа година во Скопје ќе се одржи од 12-ти до 14-ти септември 2021 година.

Форумот традиционално четврта година по ред, е во организација на ЗИП институтот, Амбасадата на САД во земјата и Владата на Република Северна Македонија.

“Патиштата на Западен Балкан кон енергетската транзиција. Овој историски настан, кој е резултат на воспоставеното трипартитно партнерство од 2018 година помеѓу институтот ЗИП, Владата на Северна Македонија и американската Амбасада во земјата, се обидува да ги собере уште еднаш креаторите на политиките, лидерите на енергетските компании и експерти од оваа област од целиот свет да дискутираат за практични решенија за предизвиците на одржливиот развој и истовремено да го отвори патот за остварливи партнерства на теренот“, се вели во соопштението на Институтот ЗИП.

На овој форум, секоја година организаторите, покрај политичките актери во земјава, носат важни панелисти од областа на енергетиката од земјата и светот.

Минатата година, специјален гостин на Форумот беше помошникот државен секретар на САД за енергија и ресурси, Френсис Фенон, а на форумот свои излагања имаа и директорoт на Секретаријатот на енергетската заедница во Виена, Дирк Бушле, шефот за енергетика и инфраструктура на Бирото за Европа и Евроазија Стивен Бернс, Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, како и многу други еминентни имиња.

Фото: Pexels