Најголемиот клиент на „Гаспром“ во Европа веќе не користи руски гас

234

Најголемиот клиент на „Гаспром“ во Европа, германската компанија „Унипер“, во четвртокот објави дека повеќе не работи на руско гориво во својот извештај за првите девет месеци од годината.

„Унипер“, кој мораше да биде национализиран од владата за да избегне банкрот, пријави загуба од 40 милијарди евра за првите девет месеци од 2022 година, меѓу највисоките за една германска компанија во историјата.

Во извештајот се вели дека од крајот на август, „Унипер“ повеќе не добивал количини преку „Гаспром“, а руската државна компанија ретроактивно го известила својот германски партнер дека прогласува виша сила, ослободувајќи се од усогласеноста со условите на договорот.

Русија објави дека поради техничките потешкотии со одржувањето на нејзината опрема на гасоводот „Северен тек 1“ поради санкциите на Западот неколкукратно ги намалиле количините што ѝ се доставуваат на ЕУ.

На почетокот на септември, гасоводот беше целосно исклучен на неодредено време по извештаите за оштетување на компресорска станица на руска територија.

„По период на прекини во снабдувањето од различен степен, испораките на руски гас за ‘Унипер’ беа целосно суспендирани од страна на ‘Гаспром’ од крајот на август 2022 година“, се вели во извештајот на енергетската компанија објавен во четвртокот.

„Унипер“ објави загуба од приближно 40 милијарди евра за периодот јануари – септември. Во извештајот се наведува дека 10 милијарди од нив се должат на тоа што во услови на намалени залихи, компанијата морала да купува гас на самото место по многу повисоки цени; 31 милијарда евра се пресметани како идни загуби поради тоа што Русија повеќе не испорачува гас на Германија.

Финансиската директорка на „Унипер“, Тина Туомела, во изјавата рече дека компанијата веќе некое време испорачува гас по значително повисоки цени од пазарот на самото место за да обезбеди сигурност во снабдувањето за своите клиенти и претрпе значителни загуби бидејќи дополнителните трошоци не се префрлени на крајните корисници со надополнување на нивните сметки.

Во септември, германската влада одлучи да купи и национализира 99% од „Унипер“, во која финската јавна компанија „Фортум“ има мнозински удел, за да обезбеди снабдување за време на глобалната енергетска криза и да ја заштити од банкрот.

Туомела рече дека условите за реструктуирање на портфолиото на гас се финализираат и „Унипер“ се надева дека ќе ги запре загубите од прекинот на испораките на гас за Русија до 2024 година.