Најголемиот трговски центар во светот каде никој не купува

312

South China Mall во кинескиот град Донгуан се смета за најголемиот трговски центар во светот. Поточно, трговскиот центар со најголема површина од достапни простории за изнајмување – речиси 660.000 квадратни метри простор во кој можат да се сместат повеќе од 2.300 продавници.

Dubai Mall  е поголем во површина – има повеќе од еден милион квадратни метри простор, но исто така вклучува и други објекти како хотел, зоолошка градина и тематски парк.

Архитектите го дизајнираа трговскиот центар South China Mall како место со седум меѓународни зони, кои ги имитираат Амстердам, Париз, Рим, Венеција, Египет, Карибите и Калифорнија. Центарот опфаќа копија на Триумфалната капија, камбанаријата на базиликата св. Марко висока 25 метри во Венеција, како и канал со гондоли долг два килметри. Предвидувањата беа дека шопинг центарот ќе привлекува околу 100.000 посетители секој ден.

Но, реалноста на South China Mall е сосема поинаква – тој стана трговски центар на духови – изнајмени се само деловни простории на главниот влез во центарот, а меѓу нив главно се локали на синџири за брза храна од Запад, пишува Punkufer.

Многумина веруваат дека South China Mall е лошо замислен проект изграден на погрешно место. Имено, сопствениците на Dongguan Sanyuan Yinghui Investment & Development сакаа да привлечат богата клиентела од големите градови како Гуангжу и Шенжен, но го сместија трговскиот центар во град во централната провинција Гуангдонг, каде што повеќето од осум милиони жители се мигранти со ниски примања.

Во 2015 година, центарот претрпе серија реновирања и измени, а во него започнаа да се отвораат бутици и ресторани со подостапни цени за производи и услуги. Иако во последните пет години повеќе луѓе го посетиле центарот од кога и да било порано, неговите објекти сè уште се полупразни. Најпосетуваната содржина во центарот е 3D киното.