Најголемите европски економии ја завршија годината подобро од очекуваното

26

Најголемите европски економии ја завршија пандемиската година подобро од очекуваното, но изгледите и понатаму се песимистички поради ширење на мутираните видови на коронавирусот, како и хаотичниот почеток на имунизацијата, додека еврозоната заостанува зад Кина и САД во процесот на закрепнување, ја пренесува Радио Слободна Европа оценката на светските медиуми.

Најголемите европски економии во последните месеци од 2020 година ги надминаа очекувањата на економистите.

Иако повторното ширење на вирусот ги стави компаниите под нов притисок, сепак Германија оствари раст од 0,1% во однос на планираните 0% за последното тримесечје од 2020 година, додека за Шпанија се очекуваше пад од 1,5%, но нејзината економија забележа пораст од 0,4%.

Франција, што важи за втора најголема економија во Европската унија, се приближува кон двојна рецесија по падот од 1,3% во последниот квартал од минатата година, но тоа според светските медиуми, сепак е подобро од очекувањата дека ќе има пад од 4%.

Иако економиите што влегуваат во блокот на еврозоната покажаа подобри резултати од очекуваното, нивните перформанси се многу полоши од кинеската и американската. Европската централна банка (ЕЦБ) предвидува пад на бруто домашниот производ (БДП) од 7,3% во текот на целата година, додека Кина имала раст од 2,3%, а САД пад од 3,5%.

Најголемите европски економии ги избегнаа “тешките“ прогнози во четвртото тримесечје иако беа воведени нови рестриктивни мерки за сузбивање на пандемијата, што влијаеше на намалување на потрошувачката и активноста на компаниите.

Растот на БДП во САД од 1% и во Кина од 6,5% во четвртиот квартал покажува колку Европа е тешко погодена од ширење на коронавирусот поради што се очекува и побавно да закрепнува во однос на двете најголеми светски економии.

Фото: Freepik