Најмалку 220 милиони луѓе во светот останале без работа

25

Се проценува дека во светот оваа година најмалку 220 милиони луѓе останале без работа, што е значително повеќе во однос на нивото пред пандемијата, а слабото закрепнување на пазарот на труд ја влошува состојбата, објави Меѓународната организација на трудот.

Оваа агенција на Обединетите нации прогнозираше дека ситуацијата следната година ќе се подобри и дека бројот на невработени ќе се намали на 205 милиони иако тоа е далеку повеќе од 187 милиони колку што беа регистрирани во 2019 година, пред пандемијата, пренесува Ројтерс.

Бројот на луѓе без работа ја дава глобалната стапка на невработеност од 6,3% оваа година, којашто би можела да се спушти на 5,7%, но и понатаму ќе биде повисока одошто пред пандемијата кога изнесуваше 5,4%.

“Раст на вработеноста нема да биде доволен за да ги надомести претпрените загуби најмалку до 2030 година“, се наведува во извештајот на организацијата.

Најпогодени се жените, младите луѓе, но и две милијарди рабoтници кои работат во неформалната економија, при што 108 милиони работници повеќе сега се категоризирани како сиромашни или исклучително сиромашни одошто во 2019 година.

Се проценува дека загубата на работни часови минатата година во однос на 2019 година одговара на износ од 144 милиони работни места со полно работно време. Таа загуба остана висока и во вториот квартал од оваа година и изнесува 127 милиони работни места со полно работно време.

Фото: Pexels