Најскапата репрезентација на ЕУРО 2020 “тежи“ 1,2 милијарди евра

109

Со натпреварот Турција – Италија, вечер од 21 часот стартува Европското фудбалско првенство. Натпреварот ќе се игра на Олимпико во Рим и е од првото коло во А-групата во која се наоѓаат и селекциите на Швајцарија и на Велс.

На Европското првенство за првпат ќе настапи и македонската фудбалска репрезентација. Црвено-жолтите дебито на континенталните првенства ќе го имаат в недела од 18 часот против Австрија во Букурешт како дел од Ц-групата каде се сместени и репрезентациите на Холандија и на Украина.

Б-групата ја сочинуваат: Русија, Белгија, Данска и Финска. Учесници во Е-групата се: Чешка, Хрватска, Шкотска и Англија. Составот на Е-групата е: Шведска, Полска, Шпанија и Словачка. Најтешка, т.н. група на “смртта“ е Ф-групата: Германија, Франција, Португалија и Унгарија.

ЕУРО 2020 ќе се игра во 11 града: Рим, Букурешт, Баку, Копенхаген, Санкт Петербург, Лондон, Амстердам, Глазгов, Севилја, Будимпешта и Минхен.

Од 24 репрезентации, во следната фаза ќе се пласираат двете првопласирани од секоја од шесте групи, како и четири третопласирани кои ќе имаат најдобар биланс.

Европското првенство ќе трае до 11-ти јули.

УЕФА најавува спектакуларна церемонија

На церемонијата на отворањето на Европското првенство во фудбал ќе биде користена врвна технологија. Ќе настапат Мартин Гарикс, Боно и Еџ, кои ќе имаат изведби од Олимпико во Рим.

Официјалната песна на првенството ќе биде изведена од рок-легендите и диџејот со изведба која ќе вклучува виртуелни елементи што треба да направат обожавателите да се чувствуваат поблиску до настанот во живо. Песната We are the people ќе биде изведена пред почетокот на првиот натпревар помеѓу Италија и Турција.

Од УЕФА откриваат дека фудбалскиот терен ќе биде трансформиран во сино-бел оган со милиони светла додека Боно ја изведува песната преку видеопроекција на сцена. Настапот бил снимен во Лондон и на стадионот во Рим.

ЕУРО 2020 низ бројки

ЕУРО 2020 ќе се игра во 11 земји, 11 градови и 11 различни стадиони.

Најскапа репрезентација на првенството е Англија со вредност од една милијарда и 270 милиони евра.

Најскап играч е Килијан Мбапе од Франција со вредност од 120 милиони евра.

Вкупно ќе се одиграат 51 натпревар.

Пандемијата Ковид-19 на почетокот на 2020 година силно ја погоди спортската индустрија. Многу лиги низ целиот свет ги суспендираа своите сезони и УЕФА го  го одложи закажаното Европско првенство во фудбал во 2020 година за 2021 година. Овој потег ја чинеше УЕФА околу 300 милиони евра, додека целосно откажувањето на настанот ќе ја чинеше федерацијата околу 400 милиони евра.

Фото: Facebook- UEFA