Најскапите градови во светот за странските работници во 2022

65

Хонг Конг е прогласен за најскап град за живеење и работа во 2022-ра година, а во рангирањето на дното се најде и Скопје (206-то место), како еден од поевтините градови за живеење.

Ова го покажуваат податоците од новото рангирање, кое го прикажува ефектот од растот на трошоците за живот и влошените макроекономски движења на пазарот за странските работници.

Градот се искачи за една позиција на рангирањето на „Mercer“ за 2022-ра година, откако претходно беше преместен на второто место од Ашгабат, Туркменистан, во 2021-ва година.

Ова е четврти случај во последните пет години во кој азискиот финансиски центар е посочен како најскапа локација за странски работници.

Подемот на Хонг Конг на рангирањето главно се должи на зголемените инфлациски притисоци, кои ги зголемија трошоците за живот ширум светот. Во меѓувреме, тековните ограничувања поради Ковид-19 и зголемената политичка нестабилност ги зголемија трошоците за плати на вработените кои работат таму, изјави за „CNBC“, Винс Кродова, партнер во „Mercer“.

„Една од причините е пазарот на недвижности“, вели Кордова, истакнувајќи дека посакуваното домување поскапе, што ги зголеми трошоците на компаниите за странските работници.

„Друг дел е цената на стоките и услугите и политичката неизвесност. Луѓето кои ќе работат таму ќе треба да трошат повеќе пари за да живеат добро“, рече тој.

Градот падна за 13 места во рангирањето на најдобрите градови за живеење во светот, објавено минатата недела, во услови на губење на политичката и финансиската слобода, според авторите на „EIU“.

Хонг Конг е азискиот претставник во првата петорка на рангирањето на „Mercer“, во кое доминираат швајцарските градови. Цирих е втор најскап град за работа и живот за странците, додека првата петорка ја надополнуваат Женева, Базел и Берн.

Кордова тврди дека тоа се должи на скапиот швајцарски франк, кој до неодамна ги одржуваше позициите во однос на поскапувањето на американскиот долар – главната валута што се користи во рангирањето на „Mercer“.

Годишното рангирање, кое е објавено по 28-ми пат, на најскапи градови за живеење на „Mercer“ има за цел да им помогне на компаниите и владите да ги одредат пакетите за плати на странските работници преку одредување на трошоците за сместување и споредување на цените за стоки и услуги на локалните пазари во однос на тоа колку тие би чинеле во Њујорк.

Овогодинешното рангирање вклучува 227 градови и ги разгледува цените на над 200 артикли заклучно со март 2022-ра година од различни категории, како што се храна, транспорт, домување и лична нега.

За разлика од претходните години, рангирањето за 2022-ра година ја зема предвид и работата од далечина, која се повеќе компании ја користат како алатка за одредување на нивната флексибилна работна политика.

„Една од последиците на пандемијата беше овој концепт на работа насекаде, при што повеќе вработени се прашуваа дали работодавците го нудат тоа“, вели Кордова.

Ова се 10-те најскапи градови во светот за странските работници, според „Mercer“:

1. Хонг Конг

2. Цирих, Швајцарија

3. Женева, Швајцарија

4. Базел, Швајцарија

5. Берн, Швајцарија

6. Тел Авив, Израел

7. Њујорк, САД

8. Сингапур

9. Токио, Јапонија

10. Пекинг, Кина

Анкара, Турција (227 место) е најевтин град за странски работници во рангирањето на „Mercer“, а потоа следат Бишкек, Киргистан (226), Душанбе, Таџикистан (225), Исламабад, Пакистан (224) и Карачи, Пакистан (223). Скопје е единствениот македонски град вклучен во рангирањето, па така нашиот главен град е на 206-то место во рангирањето за 2022-ра година.