
Ниското ниво на водата на Рајна во Германија поради топлотниот бран „практично“ го запре пловењето на товарните бродови јужно од Кобленц, соопштија трговците во вторник.
Длабочината кај Кауб, критична точка во близина на Кобленц, се намали на само 15 сантиметри во вторник, соопшти германската агенција за внатрешна навигација WSV, што е најплиткото ниво откако се водат евиденции.
На тоа место, Рајна сега е длабока само 1,15 метри.
„Комерцијалниот превоз преку Кауб практично престана и денес веќе не е возможно да се договори товар на Рајна јужно од Кауб“, рече еден трговец со стоки, додавајќи дека бродовите јужно од Кауб може да бидат заробени.
Бродарите во понеделникот предупредија дека поради падот на нивото на водата во близина на Кауба, комерцијалната пловидба може да биде прекината до крајот на неделата.
Поради нискиот водостој, товарните бродови во моментов превезуваат само околу 20 отсто од вообичаениот товар на Рајна, што значително ги зголемува трошоците за транспорт бидејќи товарот мора да се дистрибуира меѓу неколку бродови.
Трошоците за превоз со шлеп на рутата од Ротердам до Карлсруе скокнаа од приближно 45 евра по тон на крајот на јуни на сегашните 150 до 160 евра, рекоа трговците на почетокот на месецот.
Помалиот товарен капацитет на бродовите ги оптоварува синџирите на снабдување и го ограничува производството, предупреди шефот на здружението на хемиски компании ВЦИ Волфганг Гросе Ентруп.
Експертите од Килскиот институт за светска економија проценуваат дека нискиот водостој на реките би можел да ја чини германската економија меѓу една и две милијарди евра загубена активност во третиот квартал и да го намали бруто домашниот производ за 0,1 до 0,2 отсто.
Дел од товарот во меѓувреме се пренесува на патиштата, со прекин на забраната за превоз со камиони во недела и празници во одредени сојузни држави.
Рајна е најважниот европски комерцијален внатрешен воден пат и важен бродски пат за транспорт на стоки како што се жито, минерали, руди, јаглен и нафтени производи.
Само германската индустрија транспортира приближно 200 милиони тони стока годишно на Рајна, вклучувајќи гориво и суровини.











