Намалена потрошувачка на енергија во 17 компании во Македонија преку проект на УСАИД

34

usaid

Седумнаесет македонски компании во изминативе четири години успеаја да ги намалат своите трошоци за енергија преку Проектот за индустриски менаџмент (ПИМ) на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

За инсталирање на системи за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија, УСАИД на компаниите им покри 50 отсто од вредноста или максимум по 20.000 долари.

“Неефикасното користење на енергијата во македонската индустрија значително влијае на конкурентноста на индустриските  производи. Прокетот на УСАИД за индустриски менаџмент ја анализираше потрошувачката на енергија и направи план за нејзино унапредување во индустриските компании во земјава. Врз снова на тоа обезбеди заедничко учество во трошоците за инсталирање на системи за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија во 17-те пилот компании“, рече Џемс Стајн, директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија на денешната конференција  со која се означи успешното завршување на четиригодишниот проект.

Тој нагласи дека се надева оти позитивните резултати од проектот ќе бидат  поттик за поширока употреба на системите за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија, како и за имплементација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност во индустрискиот сектор во Македонија.

Директорот на ПИМ Драган Блажев потенцира дека компаниите кај кои е воведен системот за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија можат на подобар начин да имаат увид во потрошувачката на енергија и да прават активности кои можат да придонесат за намалување на трошоците и потрошувачката на енергија.

“На тој начин може да ги намалат своите трошоци за производство и да станат поконкурентни на домашниот, регионалните и светските пазари. Заштедата на трошоците зависи од големината на компанијата и на инвестицијата за подобрување на енергетската ефикасност и се движи од 5% до 10% со мали или без финансиски вложувања за подобрување на технолошкиот процес или за организацијата на работа или од 15% до 20%, па и повеќе за поголеми вложувања“, изјави Блажев пред почетокот на конференцијата.

Тој истакна дека инвестицијата се враќа од една до пет години кај помалите инвестиции, а кај поголемите и инвестициите на подолг рок, особено за обновлива енергија повратот е за седум, осум или повеќе години.

“УСАИД помогна во 17 компании да се внесе новата технологија која не е присутна во нашата земја, а е се поприсутна во другите земји. Во изминативе четири години оставивме решенија и за повеќе од 50 други компании и ги повикуваме да ги следат добрите практики што ги постигнавме со проектот“, рече Блажев.

Најголем број од компаниите во кои го воведовме системот користат електрична енергија, но има и такви што користат водена пареа, нафта, гас и компримиран воздух како главен енергенс.

“Нашите искуства покажуваат дека за воведување на системот компаниите треба да вложат од 15.000 до 45.000 долари. Од овие средства 50% или најмногу 20.000 долари на 17 компании им беше дадено од страна на УСАИД за да го имплементираат системот за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија“, рече Блажевски и додаде дека македонските компании се енергетски интензивни заради неразвиеноста на гасната мрежа и трошат три до четири пати повеќе енергија од европскиот просек.