
Продажбата на електрични возила на „Тесла“ произведени во Кина се намали за 9,9 проценти на 61.497 единици во октомври во споредба со истиот месец минатата година, со што се поништи зголемувањето од 2,8 проценти забележано во септември, покажаа податоците од Кинеската асоцијација на патнички автомобили (CPCA).
Продажбата на „Модел 3“ и „Модел Y“ на „Тесла“, произведени во нејзината гигафабрика во Шангај, вклучувајќи го извозот во Европа, Индија и други земји, се намали за 32,3 проценти во споредба со септември, објави „Ројтерс“.
Најголемиот кинески конкурент на „Тесла“, BYD, исто така, забележа пад од 12 проценти во глобалната продажба на возила во октомври, втор последователен месечен пад и најголем во последните две години, поради зголемената домашна конкуренција.
Според CPCA, вкупната продажба на „Тесла“ од Кина, што вклучува домашна продажба и извоз, беше најниска во октомври од мај. Вкупниот број од 61.497 продадени возила претставува пад од 9,93 проценти во споредба со истиот период минатата година и 32,28 проценти во споредба со септември, кога беа продадени 90.812 единици.
Од јануари до октомври, продажбата на возила на „Тесла“ од Кина достигна вкупно 667.861 автомобили, што е намалување од 10,24 проценти во споредба со истиот период минатата година.












