
Минхенскиот институт ИФО ја намали прогнозата за економски раст на Германија во 2024 година на 0,7 отсто, во споредба со 0,9 отсто што ги предвиде во средината на декември.
Во соопштението објаснуваат дека прогнозата се базира на очекуваното намалување на државните расходи годинава, бидејќи се оценува дека се неопходни дополнителни мерки за консолидација.
„Сега кога комисијата за буџет на германскиот парламент го договори федералниот буџет, проценуваме дека тоа донесе дополнителни заштеди од нешто помалку од 19 милијарди евра“, рече Тимо Волмершаузер, шеф на одделот за прогнозирање во ИФО.
Според него, компаниите и домаќинствата ќе сносат поголем товар или ќе добијат помали олеснувања, а ќе се намалат и државните трошоци.
Мерките за консолидација на буџетот станаа неопходни откако Сојузниот уставен суд на Германија во ноември 2023 година прогласи дека распределбата на владата на неискористените заеми првично наменети за пандемијата на коронавирус на нејзиниот Фонд за клима и трансформација е неуставна и затоа ништовна, потсетува ИФО.
Во времето на економската прогноза на ИФО во декември, беше целосно нејасно до кој степен ќе се намалат трошоците или ќе се зголемат даноците.











