Намалени цените за изнајмување недвижен имот во Лондон

48

Цените за изнајмување недвижен имот во главниот град на Обединетото Кралство се намалија во јули во споредба со претходната година, бидејќи можноста за работа од дома даде сигнал дека близината на канцелариите до центарот на градот веќе не е приоритет за вработените.

Падот во просек е навидум незначителен – 0,1 проценти, но го издвојува Лондон од остатокот од земјата, каде што цените за изнајмување се зголемија во просек за речиси два проценти, се вели во најновата статистика на Канцеларијата за национална статистика. Лондон, исто така, забележа најбавна стапка на раст на цените на куќите за време на пандемијата.

Покрај последиците од “пренасочување кон работа оддалечина“, во британската престолнина, по долго време, имаше и “вишок во понудата на недвижен имот за изнајмување, како последица дека сега повеќе се бараат долгорочни закупнини“, изјави канцеларијата за статистика, цитирана од Bloomberg.

Олеснувањето на мерките за безбедност не направи многу за да ги охрабри вработените да се вратат во канцелариите, бидејќи сезоната на празници полека се приближува и многу компании воведуваат долгорочни хибридни политики за работа.

Сопствениците на недвижнини во центарот на Лондон досега беа разочарани од повлекувањето на поголемите финансиери, а кириите во популарниот градски кварт  паднаа за дури 8,5 проценти на годишно ниво, според Zoopla.

Што се однесува до цените за изнајмување во други делови на земјата, најголем скок е забележан во регионите Источен Мидлендс и Југозапад, каде што тие се зголемија во просек за 2,5 проценти.

Кога станува збор за цените на недвижностите при купување и продажба, Лондон заостанува и овде. Иако имаше силен раст на продажбата на недвижности во Обединетото Кралство за време на пандемијата, неговото темпо беше најбавно во главниот град, што зборува во прилог на “пандемиските трендови“ за купување рурални куќи и викендици.

Годишниот раст на цените на недвижностите на ниво на целата земја изнесуваше 13,2 проценти, заклучно со јуни, што е најголем скок во последните 17 години. Во исто време, растот на цените на недвижностите во Лондон во споредба со истиот период минатата година изнесува 6,3 проценти.