Од 1 ноември годинава цената на СМС пораките ќе поевтини за 50% а ќе има и намалување на големопродажните цени за терминација меѓу мобилните оператори, што треба да влијаат на намалување на износот на малопродажните цени.
Ова денес го најави директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Роберт Орданоски.
Како што додаде, АЕК до петок ќе ја заврши анализата на основа на којашто ќе ја објави големопродажната цена за СМС пораките.
“Големопродажната цена моментно е 2 денари, а до петок ќе ја имаме новата цена што ќе ја добиеме врз основа на нашиот модел. Потоа ќе следи едномесечна јавна расправа во која со операторите ќе ги видиме нивните аргументи и контраргументи. На крајот на октомври ќе ја усвоиме цената затоа што според Законот за електронски комуникации важноста е од првиот календарски ден наредниот месец. Значи ако се заврши целата работа до крајот на октомври, од 1 ноември ќе стартуваат и новите цени за СМС кои очекуваме да бидат и за 50% пониски од сегашните”, изјави Орданоски.
Тој додаде дека Македонија е меѓу првите четири држави во Европа која што воведува регулатива на СМС пазарот, покрај Данска, Франција и Полска.
Почнувајќи од 1 ноември ќе се применуваат и големопродажните цени за говор што ги усвои АЕК, во износ од 1,2 денари за терминација во мрежите на сите три мобилни оператори.
“Првпат ќе имаме симетрија во цените за терминација. Цените ќе паднат доста процентуално во однос на тие што се сега. Моментно за терминација Т-Мобиле кон мрежите на ОНЕ и ВИП плаќа по 4 денари, а ОНЕ и ВИП за терминација во мрежата на Т-Мобиле плаќаат по 3 денари. Со новите цени од 1,2 денари ќе има намалување на цените за три пати и очекуваме директен ефект со намалување и на малопродажните цени затоа што ќе им се намалат трошоците на мобилните опартори”, вели Орданоски.
Прв и најзначаен ефект од регулативната мерка, според него е малопродажните цени за граѓаните да се намалат кај сите три мобилни оператори, но во блиска иднина и да се изедначат цените во мрежата на сопствениот оператор, но и во мрежата на другиот оператор.
“Така ќе може со еднаква цена да се бираат корисници, пријатели, роднини… и во мрежата на својот оператор и во мрежата на останатите два оператора и да не користат по два или три телефони во секојдневната комуникација, туку да имаат еден телефон со еднакви цени кон сите оператори”, рече Орданоски