Намалување на цените на лековите од четврток

22

lekovi Од четврток, (19.12.2013 година) стапуваат во сила новите референтни цени на лековите на позитивната листа. На 170 лекови им се намалува доплатата, од нив на 110 им се намалува и партиципацијата, а 21 лек (15 нови терапии) првпат на осигурениците ќе им бидат достапни без доплата (и тоа за дигестивни пореметувања, кардиоваскуларни, ревматски и заболувања на тороидната жлезда, аналгетици, антибиотици итн.).

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова, која посочи дека ова е четврта по ред ревизија на цените од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, што ќе значи заштеда годишно на Фондот од 88 милиони денари, а за пациентите од 31 милион денари или вкупно 119 милиони денари заштеда на целиот здравствен систем.

Сакаме, нагласи Парнаџиева – Змејкова, во следните две години да овозможиме 100% од генериките да имаат по еден лек без доплата.

“Засега тој број беше 73% или 284 генерики, а од 19 декември дополнителни 15 терапии ќе бидат со лекови без доплата или вкупно 299 генерики стануваат без доплата за осигурениците. Тоа се рекордни 76,5% од генериките без доплата и со ова најавуваме дека нашиот стратешки план за две години најверојатно ќе го реализираме”, посочи Парнарџиева Змејкова.

Појасни дека само уште 23,5% од лековите имаат доплата.

“Рекордни 442 лека стануваат без доплата, а доплатите до 50 денари се зголемуваат. Првпат имаме 85% од сите заштитени имиња да бидат или без доплата или со доплата од нула до 100 денари”, рече Парнарџиева Змејкова и додаде дека фармацевтите и матичните лекари треба да ги информираат пациентите кои лекови се без доплата.