Намалување на тутунската индустрија оваа година

17

Тутунската индустрија годинава бележи намалувања по однос на сите параметри. Склучени се вкупно 34.445 договори за откуп или 19% помалку од лани, насадени се 14.030 хектари тутун или 30% помалку. Остварен е принос од 24.857 тони што е 20% помалку од минатата година, а остварена е просечна откупна цена од 117,2 денари за килограм, односно 24% пониска од минатата година кога беше 152 денари, пишува Миа.

Намалување бележи и извозот за сметка на увозот. Посебно загрижува, како што беше нагласено, тоа што веќе 2.500 тутунопроизводители се преориентирале на друг вид култури.

“Годинава не се остварија проекциите на компаниите кои предвидуваа принос на тутун од околу 30 милиони килограми. Намалувањето на реколтата се должи пред сè на временските прилики, поројните дождови и поплавите кои значително го намалија квалитетот. Ако ваквата тенденција продолжи, можно е, покрај овие 2.500 кооперанти, и други да се преориентираат во однос на дејноста“, истакна Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Проценките од терен покажуваат дека 20% од годинашната реколта тутун е четврта класа. Количините од првата берба содржеле дури 30% влага.

Откупот заврши во законскиот рок, 15 март. Во тутунската индустрија ќе се реализираат вкупно 73 милиони евра, 47,5 милиони од откупот и 27 милиони од субвенциите.