Намалувањето на каматната стапка на кредитите продолжи и во август

41

Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во август 2021 година изнесува
4,49% и оствари месечен и годишен пад од 0,01 п.п. и 0,24 п.п., соодветно.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити се намали на месечно и годишно
ниво за 0,04 п.п. и 0,20 п.п., соодветно и изнесува 0,79%.

Во август 2021 година, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити 
изнесува 3,78% и бележи месечно зголемување од 0,16 п.п., додека на годишно ниво
се намали за 0,16 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити
изнесува 0,50% и е пониска на месечна и на годишна основа за 0,01 п.п. и 0,04 п.п.,
соодветно.

Во август, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на
корпоративниот сектор е намалена за 0,01 п.п. на месечна основа и изнесува 3,60%.
Надолната промена во целост произлегува од намалувањето на каматните стапки на
кредитите во странска валута (за 0,01 п.п.), во услови на забележан раст на
каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,04 п.п.) и
непроменети каматни стапки на кредитите без валутна клаузула. Во споредба со
истиот месец претходната година, оваа каматна стапка оствари пад од 0,25 п.п.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува
3,23% и во споредба со претходниот месец забележа раст од 0,19 п.п. Растот во
целост е резултат на зголемувањето на каматните стапки на денарските кредити без
валутна клаузула (за 0,16 п.п.), во услови на евидентиран пад на каматните стапки
на денарските кредити со валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во
странска валута (за 0,76 п.п. и 0,22 п.п., соодветно). На годишно ниво, каматната
стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,35 п.п.

Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во август,
изнесува 1,09%, што претставува месечен пад од 0,02 п.п. Падот се должи на
намалувањето на каматните стапки на денарските депозити со и без валутна
клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п., соодветно), во услови на непроменети каматни
стапки на депозитите во странска валута. Анализирано на годишно ниво, оваа
каматна стапка е намалена за 0,06 п.п.


Овој месец, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор оствари раст од 0,04 п.п. на месечна основа и изнесува 0,46%. Нагорната промена произлегува од зголемувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,23 п.п. и 0,20 п.п., соодветно), при забележан пад на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,06 п.п.). Во однос на август минатата година, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот забележа пораст
од 0,05 п.п.

Во август, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,28%
и е намалена за 0,02 п.п. на месечно ниво. Надолната промена произлегува од
намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула
(за 0,03 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), додека каматните стапки на кредитите во
странска валута се непроменети. Оваа каматна стапка е намалена за 0,27 п.п., на
годишна основа.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи
месечен пад од 0,16 п.п. и изнесува 4,42%. Падот е резултат на намалувањето на
каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и на кредитите во
странска валута (за 0,52 п.п. и 0,06 п.п., соодветно), во услови на остварен раст на
каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,03 п.п.).
Каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е повисока за 0,05
п.п., споредено на годишно ниво.

Овој месец, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува
0,75%, што претставува пад од 0,04 п.п. на месечна основа. Падот е одраз на
намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на
каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,04 п.п., соодветно), во
услови на непроменети каматни стапки на депозитите со валутна клаузула. Оваа
каматна стапка бележи пад од 0,23 п.п. во споредба со истиот месец претходната
година.

Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата, во август, оствари
месечно намалување од 0,04 п.п. и изнесува 0,53%. Надолната промена во целост е
резултат на намалувањето на каматните стапки на депозитите во денари без валутна
клаузула (за 0,04 п.п.), додека каматните стапки на депозитите во странска валута
се непроменети. Во август, не се примени денарски депозити со валутна клаузула.
На годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата
е пониска за 0,13 п.п.