Напната дебата, светот пред одлука: Треба ли да се копа толку длабоко?

117

Во тек е тензична глобална дебата за тоа како и дали да се дозволи ископување во длабоко море, при што една голема компанија веќе се заканува дека ќе аплицира за таква лиценца пред Обединетите нации да се договорат за правилата и пред да стапат на сила регулативите.

Повеќе од дваесет земји повикаа на забрана, пауза или мораториум на ископувањето во длабоко море, вклучувајќи ги Перу и Грција, додека Меѓународната управа на ОН за морското дно ги продолжи преговорите за предложениот код за такво ископување, пишува Данас.

„Ни претстојат две многу напорни недели“, рече Олав Мајклбуст, претседател на советот на Меѓународната управа за морското дно на ОН, додека некои земји предупредија дека предложената регулаторна рамка има значителни празнини и не вклучува некои од нивните предлози.

Органот со седиште во Јамајка е глобален чувар на длабоките води кои не спаѓаат под независна јурисдикција на светските нации и одобри 31 договор за истражување на можностите за рударство, иако не одобри никаква експлоатација додека трае дебатата.

Голем дел од тековните истражувања се центрирани во зоната Кларион-Клипертон од 4,5 милиони квадратни километри помеѓу Хаваите и Мексико, на длабочина од 4.000 до 6.000 метри под површината на морето.

Научниците рекоа дека минералите на тие длабочини се формирале во текот на милиони години и дека нивното ископување може да предизвика низа проблеми под морето и задушувачки бури од прашина на бреговите.

„Длабокиот океан одржува клучни процеси кои ја прават целата планета погодна за живеење – од движење на океанските струи кои го регулираат времето, до складирање на јаглерод и заштита на планетата од ефектите на климатските промени“, рече Софија Ценикли од Коалицијата за зачувување на длабоките мориња.

Оние кои го поддржуваат ископувањето во длабоко море, тврдат дека тоа е поевтино и има помало влијание врз животната средина отколку рударството на копно. Меѓу оние кои се за експлоатација е The Metals Company, канадска компанија од која се очекува најпрво да побара дозвола да започне со подморско ископување.

Дебатата за рударство во длабоко море доаѓа во време на зголемената побарувачка за благородни метали, вклучувајќи кобалт, никел и бакар чии кристали се формираат во океаните и се користат во батериите на електричните автомобили и другите „зелени“ технологии.

„Има уште многу работа што треба да се заврши“, рече францускиот претставник Оливие Гионварч за предложениот код за рударство.

Советот треба да расправа за ова прашање во следните две недели, а потоа да одржи собрание на кое ќе се избере генерален секретар.