Архитектонското студио Jo Cowen Architects, со седиште во Лондон, претвори пекарски комплекс од 19-от век во 12 луксузни домови, наречени Bakery Place. Реновираната градба сега содржи куќи, апартмани и еден пентхаус, пишува Dezeen.
Целта на архитектите беше да се создаде луксузен станбен простор со доза на индустриски печат од Викторијанската ера. Најголем предизвик беше светлината, со оглед на тоа што првичната градба дозволуваше многу малку продирање на сончеви зраци.
Седумте апартмани се распоредени низ двата ката на некогашната пекарница. Просториите се прилични високи што овозможува да навлезе светлината. Најгорниот кат е резервиран за пентхаусот, којшто зафаќа површина од 566 метри квадратни, заедно со приватна тераса со поглед на реката Темза. Секој дом има пространа отворена дневна соба на првиот кат со високи плафони и поглед на дворот со калдрма.
Bakery Place е дел од серија проекти каде напуштени градби се претвораат во домови.