Народна банка: 7 од 10 дигитални плаќања во земјава се извршени преку мобилен телефон

Дигитализацијата значително го трансформира начинот на кој граѓаните ги извршуваат своите плаќања. Трендот на сѐ поголема употреба на дигиталните канали за плаќање, поттикнат за време на корона-кризата, продолжува и во изминатите години, што го потврдуваат и најновите податоци од платежната статистика што ги прибира, ги обработува и ги објавува Народната банка.

Во текот на 2025 година, граѓаните сѐ почесто ги користеле кредитните трансфери (т. н. платни налози) за извршување плаќања во земјава, при што е забележан годишен раст од 6,6% кај бројот на трансакции и 16,7% кај нивната вредност.
Менувањето на навиките на граѓаните, т. е. сѐ почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата се согледува преку високиот годишен раст од 17,7% кај бројот и 28,6% кај вредноста на плаќањата иницирани по електронски пат, наспроти значително поскромниот раст на плаќањата на хартија на шалтерите на банките (1,3% и 13,5%, соодветно).
Како резултат на овие движења, учеството на електронските платни налози достигна 36% од вкупниот број налози иницирани од граѓаните, со годишно зголемување од 4 процентни поени, што претставува највисок пораст од периодот на корона-кризата наваму.

Во рамките на електронските плаќања, најголемо учество имаат мобилните апликации, преку коишто се извршиле 7 од 10 трансакции. Нивната сѐ поголема употреба е резултат на едноставноста и брзината на користење, при што во 2025 година е забележан годишен раст од 24,9% кај бројот и 38,4% кај вредноста на трансакциите извршени преку мобилно банкарство.

Исто така, граѓаните сѐ почесто ги користат платежните картички за извршување на секојдневните плаќања во трговијата. Така, во 2025 година, плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги во земјава забележаа годишен раст од 8,4% кај бројот и 12,7% кај вредноста. Растот на плаќањата со платежни картички е поддржан од широката распространетост на картичките во земјава коишто изнесувале околу 2 милиона картички на крајот на 2025 година. Притоа, 98,7% од платежните картички овозможуваат бесконтактни плаќања, што обезбедува удобност за граѓаните во извршувањето на плаќањата. Бројот на уредите за прифаќање плаќања со платежни картички на физичките места на продажба забележа годишен раст од 3,5% и достигна 36.010 уреди поставени кај 14.885 трговци. Притоа, 97,4% од овие уреди ја поддржуваат бесконтактната технологија што овозможува брзо и едноставно извршување на плаќањата во трговијата. Годишен раст е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажбата на стоки и услуги на местата на продажба за е-трговија и физичките места на продажба во земјата со 9,8%, односно 1,1%, соодветно. 

Според најновите податоци за 2025 година, за извршувањето на плаќањата со платежните картички, трговците плаќале просечен надоместок во висина од 1,01% од вредноста на прометот, што претставува значително намалување од 0,11 п.п. во споредба со 2024 и 2023 година, кога изнесувал 1,12%. Позначително намалување се забележува кај надоместоците за плаќањата за прехранбени производи и пијалаци, фармација и јавни и комунални дејности коишто се сведуваат на ниво под 1%. Ова намалување произлегува главно од новата правна рамка во платежната сфера со којашто, во периодот од 2023 до почетокот на 2025 година, се воведе постепено ограничување на заменските надоместоци коишто ги наплатува банката што ги поставува уредите за прифаќање картички кај трговците од банките издавачи на платежните картички, што придонесе за намалување на крајните надоместоци што ги плаќаат трговците.