Народна банка на 23 и 24 март домаќин на годишниот форум на Виeнската Иницијатива

111

Народната банка наредната недела, на 23 и 24 март ќе биде домаќин на годишниот форум на Виенската Иницијатива, еден од најголемите настани во регионот од областа на финансиите, што ќе се одржи во Скопје.

Настанот прв пат се организира во Република Северна Македонија, и прв пат во земја која е надвор од Европската Унија.

Како што информира на денешниот брифинг со новинарите, Милица Арнаудова, советник во Канцеларијата на гувернерот, учество ќе земат преку 80 странски гости, високи претставници од меѓународните финансиски институции, гувернери на централни банки, вицегувернери, претставници од повеќе банки и домашни учесници. Учесниците доаѓаат од 14 земји од Европа.

Во текот на овогодишниот форум ќе бидат дискутирани поголем број на круцијални теми како клучните предизвици за монетарната и фискалната политика во време на инфлациски предизвици, предизвиците за банкарскиот сектор, зелена транзиција, финансиите во развој и новите технолошки решенија и други актуелни теми.

Виенската Иницијатива е рамка за заштита на финансиската стабилност за регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа. Иницијативата беше формирана за време на првиот бран на глобалната финансиска криза во јануари 2009 година. Таа ги обединува сите релевантни засегнати страни од јавниот и приватниот сектор активни во регионот. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европска инвестициска банка (ЕИБ). Меѓународен монетарен фонд (ММФ) и Светската банка и Европската комисија одиграа клучна улога во креирањето и понатамошниот развој на Виенската иницијатива.

Виенската иницијатива беше замислена како платформа за донесување одлуки и координација на активностите на сите релевантни чинители, која имаше за цел спречување системска банкарска криза и избегнување масовно и ненадејно раздолжување на банкарските групи присутни преку свои подружници и филијали во Централна и Југоисточна Европа.

Надградената рамка за соработка, Виенската иницијатива 2.0 се надоврзува на успехот на Виенската иницијатива 1.0. Целта на Виенската иницијатива 2.0 е да се постигнат практични резултати преку следење и известување за процесот на раздолжување меѓу банките, следење на стратегиите на матичните банки во регионот, нивната кредитна активност, следење на нивото на нефункционални кредити и мерките кои регулаторите во земјите во регионот ги преземаа заради справување со постикризното високо ниво нa нефункционални кредити.

-Од платформа која се очекуваше да делува привремено, прерасна во форум на кој на редовна основа се среќаваат носителите на одлуки од приватниот и јавниот сектор за да разменат искуства да разговараат за трендовите во финансискиот сектор, но и за поопшти макроекономски прашања, сподели Арнаудова.

Во фокусот на овој форум се и други актуелни теми, како што се зелените финансии и влијанието на ризиците од климатските промени врз финансиската стабилност, современите трендови во финансиите, дигитализацијата, финтекот и слично.

Географската покриеност на Иницијативата се протега и надвор од границите на Европската унија и ги вклучува земјите од Централна и Југоисточна Европа. Виенската иницијатива 2.0 е предводена од Управен комитет, со кој претседава Борис Вујичиќ, гувернер на Хрватската централна банка. Виенската Иницијатива претходно има одржувано форуми во Сплит, Виена, Лондон, Луксембург, Варшава и Брисел.