
Вкупните средства на останатите финансиски институции (ОФИ) во вториот квартал од годинава достигнаа 336,4 милијарди денари, што претставува квартален раст од 7,2 проценти и годишно зголемување од 22,1 процент, покажуваат најновите податоци на Народна банка на Република Северна Македонија.
Според податоците, средствата на ОФИ се зголемени за 22,7 милијарди денари во однос на претходниот квартал и учествуваат со 23,3 проценти во вкупните средства на финансиските институции во земјата. Најголемо учество во структурата на ОФИ имаат пензиските фондови со 63,7 проценти, а по нив следуваат осигурителните друштва со 13,5 проценти.
Од Народна банка на Република Северна Македонија посочуваат дека растот главно се должи на повисоките средства на пензиските фондови, додека позитивни движења се забележани и кај останатите потсектори, освен кај финансиските друштва кои евидентирале квартален пад.
Во вториот квартал средствата на пензиските фондови достигнале 214,3 милијарди денари и се зголемени за 8 проценти на квартално и за 21 процент на годишно ниво, главно поради повисоки вложувања во сопственички и должнички хартии од вредност.
Средствата на инвестициските фондови бележат највисок раст меѓу поголемите потсектори и изнесуваат 35,6 милијарди денари, што е за 12,3 проценти повеќе на квартално и за 44,2 проценти на годишно ниво. Истовремено, средствата на осигурителните друштва се зголемени за 3 проценти квартално и за 8,8 проценти годишно.
Кај финансиските друштва е регистриран квартален пад на средствата од 1,1 процент, иако на годишно ниво е забележан раст од 30,3 проценти. Средствата на друштвата за финансиски лизинг се повисоки за 4,8 проценти на квартално и за 21,7 проценти на годишно ниво.
Најголем дел од средствата на ОФИ се пласирани во должнички хартии од вредност, кои учествуваат со 49,3 проценти, и во сопственички хартии од вредност со учество од 28,5 проценти. На страната на обврските, најголем удел имаат техничките резерви на осигурувањето со 49,4 проценти и капиталните сметки со 40,4 проценти.
Најновото соопштение за позначајните движења кај ОФИ е достапно на следната врска:
https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/OFI/2026/Soopstenie_za_pecat_OFI_Q2_2026_mk.pdf












