Народната банка ќе биде домаќин на Годишниот форум на „Виенската иницијатива”

46

Народната банка ја има честа годинава да биде домаќин на Годишниот форум на „Виенската иницијатива” ‒ меѓународна рамка за соработка за одржување на финансиската стабилност во регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Форумот ќе се одржи на 23 и 24 март во Скопје. Ова е еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа, на кој сите релевантни чинители, меѓународните финансиски институции, европските финансиски институции, регулаторите и претставниците на приватниот финансиски сектор разговараат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор, но и за поопшти макроекономски прашања.

„Виенската иницијатива” е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ. Таа е формирана преку координација на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, за време на првиот бран на Глобалната финансиска криза во 2009 година. Иницијативата обезбеди форум за носење одлуки и координација за да се спречат системските банкарски ризици и за обезбедување услови за непречени кредитни текови во економиите во регионот. По завршувањето на Глобалната финансиска криза, рамката сѐ уште постои како платформа за дискусија помеѓу регулаторите и банките за прашањата како раздолжување, нефункционални заеми, банкарска фрагментација, примената на новите регулаторни стандарди за банките, како и поддршка на приспособувањето на регионот кон новиот модел на раст.

На Форумот во Скопје се најавени се високи гости, гувернери на централните банки од ЦИЈЕ и високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор.