Народната банка организира дебата В/РЕДНОСТИ И ВРЕДНОСТИ на 2 и 5 септември

90

Во рамки на активностите за одбележување на 30 години од монетарното осамостојување, Народната банка (НБ) на 2 до 5 септември ќе организира дебата насловена „В/РЕДНОСТИ И ВРЕДНОСТИ”, која ќе се одвива во Музејот на Народната банка, во рамки на истоимената музејска поставка. Дебатата, која јавноста ќе може да ја проследи преку социјалните мрежи, има за цел да ја афирмира научната и уметничката мисла, да иницира дискусија за вредностите од различни професионални перспективи, да даде ретроспектива на случувањата и искуствата во текот на монетарното осамостојување на земјава и создавањето на современиот економски систем, како и да ги опфaти идните перспективи во контекст на тековните глобални економски случувања.

Дискусијата ќе биде организирана во три панели – соодветно на профилот на говорниците. Панелите ќе можат да се проследат на Фејсбук и Јутјуб каналот на Народната банка на Република Северна Македонија.

Првиот панел, насловен „Мерливоста на вредностите: економски визури”, кој ќе се одржи на 2 септември со почеток во 11 часот, ќе биде посветен на процесот на досегашната економска трансформација и создадените вредности низ тој процес, улогата на меѓународните финансиски институции, како и идните перспективи и предизвици во контекст на забрзаната инфлација и забавувањето на светскиот раст. Воведно обраќање ќе има гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, додека на панелот ќе дебатираат академиците Таки Фити и Абдулменаф Беџети, поранешниот министер за финансии и поранешен член на Советот на НБ, Џевдет Хајредини, неизвршниот член на Советот на НБ, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски и универзитетската професорка при Економскиот институт при УКИМ-Скопје, Силвана Мојсовска. Модератор ќе биде економскиот новинар, Мирче Јовановски.

Вториот панел, насловен „Мерливоста на вредностите: интеракции”, ќе се одржи на 5 септември со почеток во 11 часот. Овој панел е посветен на вредностите создавани од уметниците и ставање на овие вредности во општествениот контекст како средства за акција и канали за комуникација. На овој панел воведно излагање ќе има раководителката на Музејот на НБ и автор на изложбата „В/РЕДНОСТИ и ВРЕДНОСТИ”, Катерина Христовска, додека ќе дискутираат директорката на Националната галерија, Дита Керими Старова, Пеце Талевски – продуцент, ОХО продукција, Гоце Наумов од Музејот на РСМ, инаку археолог, универзитетската професорка на Институтот за етнологија и антропологија, Илина Јакимовска и актерката Драгана Костадиновска од Македонскиот народен театар. Модератор ќе биде новинарката Ана Зафирова.

Истиот ден, на 5 септември, ќе се одржи и третиот панел, насловен „Мерливоста на вредностите: комплементарности и спротивности”, кој ќе започне во 13.30 часот. На овој панел истакнати и меѓународно признати професионалци од областа на природните науки ќе дебатираат од аспект на градирањето на фундаменталните вредности и како индивидуалното знаење може да придонесе кон одржување на вредностите во општеството. На овој панел ќе дискутираат Петар Кајевски, меѓународен ИТ консултант кој работи во Виена и воедно член на Македонија 2025, Зоран Ивановски, професор на Институтот за електроника при ФЕИТ, Никола Стиков кој е биоинформатичар и работи на Политехничкиот факултет во Монтреал, професорката Ана Угринска од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина при УКИМ, Деан Богоевски, висцерален хирург на клиниката Асклепиос Вандсбек во Хамбург и Митко Хаџи Пуља, професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Модератор на овој панел ќе биде Горан Стојановски од Scale Focus Macedonia и поранешен професор на ФЕИТ.