Барања за одобрување на материјалите и производите со кои работат во контакт со храна до Агенцијата за храна и ветеринарство досега поднеле 114 производители и увозници на храна.
Тоа е обврска што компаниите ја имаат поради Правилникот за таа намена, што стапува на сила за една недела.
Како што напомена директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски, барања со кои ќе се регистрираат и ќе добијат одобрувања треба да добијат повеќе стотици компании. Правилата што се пропишани за нив се однесуваат за материјали што доаѓаат во контакт со храна како гума, пластика, дрво, стакло, разни синтетички смоли, премази, восоци, силикон….
“Правилникот за општите барања е донесен на крајот на минатата година, а ќе стапи во сила од 1 октомври, но согласно воспоставената практика кај нас компаниите чекаат до последен момент за да ги поднесат барањата за одобрување и авторизација на материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храна. Апелираме операторите со храна да побрзаат со обврската за доставување барање за регистрација, одобрување и авторизација на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната”, изјави Рунтевски по денешната работилница за Правилникот, што се одржа во Стопанската комора.
Од поднесените барања од операторите со храна досега се решени 31, а за неколку од нив Агенцијата е во постапка на завршување затоа што недостасува одредена документација. Ако биде одбиено барање заради неисполнување на условите нема да им биде дозволено користење на материјалите, а ќе бидат затекнати дека го користат производот без оодбрување по што ќе следат парични санкции.
Според Рунтевски, правилниците ги пропишуваат општите барања што треба да ги исполнуваат материјалите што доаѓаат во контакт со храна, а има посебни барања за материјалите од посебна важност како керамиката или материиите што се испуштаат преку детските цуцли.
Тој најави дека за две недели, ќе биде изготвен правилникот што се однесува на пластичните материјали, а до крајот на годинава и правилникот за нови технологии и материјали т.н паметни материјали.
“На тој начин ќе ја заокружиме целата рамка во делот на материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храната. Значи, дозволени се пластика, стакло, дрво, но има одредени барања што треба да ги исполнат производителите или увозниците на овие материјали за да добијат позитивно мислење од Агенцијата”, рече Рунтевски.
Се работи за материја, појасни, што е релативно нова и во Европската унија, на којашто обрнуваме големо внимание бидејќи сепак станува збор за обезбедување повисоко ниво на здравје на потрошувачите.
Тој пред членките на Стопанската комора на Македонија ја презентираше новата процедура како дел од имплементацијата на Правилникот за општите барања за безбедност на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната.
Компаниите ги добија потребните информации за легислативата, обврските, процедурите за одобрување, изјавите за усогласеност како задолжителна документација што треба да ја поседуваат.