Што значи конструкцијата “задоволни работници“? Честопати, оваа дилема ми ги обзема мислите, тргнувајќи од претпоставката дека секој работник (читај: секој човек) има индивидуални потреби. Колективното решение не е решение. Но, изненадувачки (за мене) е колку “заеднички“ содржател имаат низа активности за релаксирање и соработка меѓу членовите на тимот. Работата “врзана“ за биро и со стриктно работно време ја ограничува креативноста.
Согласно професијата во која го посветувам своето професионално внимание и ангажман, односите со јавноста, подразбирам и тврдам дека стриктното работно време од 9 до 17 часот не е ефективно, ниту ефикасно може да се искористи. Има многу причини за “слободното“ работно време на креативците, дизајнерите, медиа планерите, copy writer-ите, професионалците задолжени за соработка со медиумите итн. Сите овие “под-професии“ подразбираат “слободно“ работно време или како што милуваат да кажат – работа 24/7.
Тоа значи флексибилност и поставување таргети за исполнување. Затоа што, некои луѓе се креативни наутро, други подоцна во текот на ноќта. Некои луѓе создаваат сами, во својата природна хармонија, додека другите имаат потреба од надворешни креативни импулси и дружби со колегите. Затоа, рецептот на некои “газди“ за работење во канцеларија со точно прецизирано работно време го “убива“ креативното во овие лица.
Секако, освен работата, потребни се и низа вон-работни активности кои се базираат на дружба, меѓусебно запознавање на тимот, создавање заедничка визија и мисија, патувања.
Од лично искуство, советувам и предлагам:
– “слободно“ работно време
– простор за креативно делување
– заеднички тимски активности
– заедничко патување
– приближување на личните со вредностите на компанијата
– заедничко учество во градење визија и мисија на компанијата
– вклучување во процес на донесување одлуки
– секојдневна комуникација меѓу менаџментот и вработените
– отвореност, отчетност
– наградување и казнување…
– релаксирана атмосфера за работа
Откако ќе реализирате, барем дел од овие активности, тогаш може да очекувате тимот да биде поефективен и поефикасен. Тогаш може да ги реализира сите зацртани цели и да ги исполни и најсложените задачи. Затоа што, тим без заеднички содржател не е тим. Или фирма без среќни и задоволни вработени, не е фирма со успех. Инвестирајте во тимот и создадете иднина.
И на крај, тимот не е само збир на луѓе со заедничка цел, туку збир на сите нивни знаења, желби, проблеми, стравови и предизвици. Верувајте, ако имате насмеани работници, тогаш имате успешна компанија….
Фото: Pixabay