Научете да слушате – тоа е најчеста причина за конфликтите

153

konflikt

Фото: Pexels

Конфликтите се присутни во секојдневието на луѓето, но некогаш се само обично недоразбирање помеѓу соговорниците. Најчесто конфликтот се дефинира како релација меѓу две или повеќе страни (индивидуи или групи), кои имаат или мислат дека имаат различни цели, ставови и перспективи. Во таа ситуација тие почнуваат да работат едни против други, наместо едни за други. За да се означи една ситуација како конфликт, потребно е претходно да бидат присутни четири елементи.

1. Претходни услови за појава на конфликти: недостаток на ресурси, погрешна политика на организацијата и перцепциите на групата.

2. Интензивни внатрешни состојби на индивидуата и групата: стрес, тензија и непријателство.

3. Когнитивни состојби на индивидуата и групата: верување, свест и сознание дека другата страна може да ги загрози или веќе ги загрозила интересите на другиот.

4. Конфликтно однесување: конкретни акции, од пасивен отпор до агресија кон другата страна.

Во теоријата генерално постојат два многу различни пристапи кон конфликтите како појави: традиционален и современ поглед. Традиционалниот став е дека конфликтите се негативни и на нив се гледа како на отстапување од нормалната состојба и манифестирање неправилност во работата на организацијата. Современиот став кон конфликтите е дека тие се неизбежни. Тие се природна појава при работењето на организацијата, што произлегува од самиот факт дека луѓето работат заедно и се принудени да делат заеднички ограничени ресурси (простор, време, финансии, материјали). Во овој пристап се нагласува дека конфликтите имаат и позитивни ефекти за организацијата и поединците. Се смета дека тие не се ниту добри ниту лоши, туку дека тоа зависи од тоа како и зошто настанале и како се решаваат. Затоа лидерите мораат да знаат како да го препознаат конфликтот и како ефикасно да го решат, за тој да има позитивни резултати врз компанијата.

„Не постојат конфликти што можат брзо да се менаџираат, освен ако конфликтот не е само едно обично недоразбирање. Најбрз начин е да се обидеме да разбереме што точно сака да каже другата страна. Ако откриеме дека станува збор само за различна перцепција, тогаш ќе видиме дека конфликтот и не постоел. Доколку конфликтот е реален, тогаш треба да одиме низ точно дефинирани чекори преку кои ќе дојдеме до ситуација на барање на можните алтернативи. Клучен момент е да не дозволиме емоциите да надвладеат, бидејќи тоа не става во ситуација да не слушаме и тогаш нема решение на конфликтот. Тогаш влегуваме во бескраен круг на надзорување и надвикување. Основната цел во процесот е да научиме да слушаме за да ја разбереме другата страна. Така точно ќе согледаме во кој аспект имаме разлики и ќе можеме да пристапиме кон барање алтернативи. Но, многу пати при разбирање на другата страна ние можеме да увидиме дека ние всушност зборуваме за иста работа, но кажана на различен начин. А со тоа веќе ќе видиме дека нема конфликт“, вели д-р. Лазар Ѓуров од Институтот за индивидуален и организациски развој СИМБИОТИКА.

Најважно е да се согледа дека има конфликт, бидејќи тој не се случува одеднаш и има процес на манифестација. Најчесто конфликтот се манифестира низ четири фази:

Прва фаза – Постои или се создава отсуство на комуникација што ќе резултира со затворање на лицата во сопствените погледи и вистини. Оваа состојба може да стагнира подолго време или да се разреши на мирен начин, не значи дека ќе премине во бурен конфликт.

Втора фаза – Едната или двете страни стануваат свесни дека имаат различни ставови и цели, односно почнуваат појасно да го согледуваат и доживуваат конфликтот. Почнуваат емоционално да се вклучуваат во конфликтот и се појавува фрустрација, тензија и непријателство. Но, се уште не постојат конкретни отворени акции од двете страни.

Трета фаза – Во оваа фаза страните на конфликтот одлучуваат да преземат акции кон другата страна. Прво формираат интенции, што ги чуваат скриени и под нивното влијание најчесто се доаѓа до погрешна перцепција на постапките на другата страна. Тие ги доживуваат непријателски и предизвикуваат драстична и необјективна реакција. Намерите стануваат отворено непријателско однесување и конкретни акции со различен интензитет.

Четврта фаза – Соочувањето со последиците на конфликтот, што зависат од начинот на којшто е решен. Интерактивното и конструктивно решавање на конфликтот предизвикува функционални последици, додека несоодветното решавање преку потиснување, создавање на победник – губитник ситуација предизвикува негативни последици.