
Најновата јужнокорејска студија откри дека премногу работни часови и прекувремена работа доведуваат до значителни промени во структурата на мозокот, што е резултат на комбинација од физичко и емоционално преоптоварување, објавија медиумите.
Во истражувањето на двајца научници од Универзитетот Чунг-Анг и Универзитетот Јонсеи учествувале 110 здравствени работници поделени во две групи. Во едната група имало такви кои работеле најмалку 52 часа секоја недела, додека во другата група имало вработени кои работеле стандардно работно време, според CNN.
Кај луѓето кои работеле прекувремено, имало значајни промени во регионите на мозокот кои ги регулираат когнитивните и емоционалните функции, што е последица на нивното преоптоварување и замор, заклучиле истражувачите.
Коавтор на студијата, професорот Џун Јул Чои, рече дека овие промени можат да се поправат, барем делумно, ако се отстранат стресните фактори.
Сепак, тој додаде дека на мозокот му е потребно многу повеќе време за да се врати во првобитната состојба.
Претходна студија од 2021 година, исто така, покажа дека прекувремената работа има негативни здравствени последици, според CNN.
Френк Пега, кој го водеше истражувањето, истакнува дека најновите резултати претставуваат важни нови докази што би можеле да помогнат подобро да се разбере како прекувремената работа драстично влијае на физичкото здравје на вработените.
„Владите, работодавачите и самите вработени можат заедно да преземат мерки за заштита на здравјето на работниците“, рече Пега.
Авторите на најновата јужнокорејска студија истакнаа дека резултатите од нивното истражување укажуваат на важноста од решавање на проблемот со прекувремената работа, што е причина за загриженост.
„Тоа е мала студија, но бидејќи се базира на сеопфатни невролошки мерења и се однесува на фундаменталните механизми на преоптоварување и замор, може да се примени на сите, па затоа нејзините централни заклучоци се многу релевантни“, велат научниците.