Научниот труд на д-р Огнен Ивановски најдобар на Деветтиот југоисточен европски конгрес по урологија

283

drМакедонскиот уролог Огнен Ивановски на Деветтиот југоисточен европски конгрес по урологија што се одржа од 01 до 03 ноември во Солун, Грција, во конкуренција од 273 научни истражувања, ја доби наградата за најдобар научен труд на тема Парцијална нефректомија ја превенира идната кардиоваскуларна болест – први експериментални докази.

“Се работи за оригинално истражување комплетно изведено во Република Македонија, кое за првпат го докажува зголемениот ризик за кардиоваскуларна смрт кај пациенти со изваден еден бубрег поради тумор. Во исто време резултатите го истакнуваат бенефитот на парцијалната нефректомија т.е. отстранување само на оној дел од бубрегот кој го содржи туморот. Ова истражување директно произлегува од мојот докторат одбранет во Париз, Франција”, изјави д-р Ивановски.

Тој досега е трипати наградуван за најдобар труд на овој Европски уролошки конгрес и тоа со освоено трето место во 2009 и прво место во 2011 година.

“Сатисфакцијата е уште поголема бидејќи студијата ја освои првата награда во Солун, Република Грција во силна конкуренција на уролози, не само од југоисточна Европа, туку и пошироко. Морам да ги споменам и јавно да им се заблагодарам на ко-авторите, без чија помош оваа студија немаше да успее, а тоа се: Доц. д-р Игор Николов од Универзитетската клиника за Нефрологија, д-р. Оливера Давчева од Универзитетската Клиника за Клиничка Биохемија, д-р Калина Ѓоргиевска од Институтот за предклиничка и клиничка Фармакологија со токсикологија, Проф. Весна Јаневска и Проф. Гордана Петрушевска од Институтот по патологија”, вели д-р Ивановски.

Како првонаградена, темата ќе биде презентирана и на годишниот Европски конгрес по урологија што ќе се одржи во февруари следната година во Стокхолм.

Д-р Огнен Ивановски работи како специјалист уролог на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, каде и специјализирал. Неговите докторски студии ги завршил во Париз на еден од најпрестижните Медицински факултети во светот Пјер и Марија Кири, кој е рангиран на Шангајската листа за 2013 година како прв во Франција, а втор во континентална Европа. За постдокторски стаж заминува во Јапонија на Универзитетот Кјушу во Фукуока. Во моментов, тој е на специјалистички престој за трансплантациона хирургија на бубрег од жив дарител и од кадавер (донор со мозочна смрт) на Медицинскиот центар Еразмус во Ротердам, Холандија, кој е еден од најфрекфентните трансплантациони центри во Европа со 150 трансплантации на бубрег од жив донор  и до 80 кадаверични на годишно ниво.